Отворена изложба „Македонско-американските односи низ историјата“

Во Воениот музеј – објект НУ Музеј на Македонија денеска во присуство на министерот за одбрана Зоран Јолевски и американскиот амбасадор Пол Волерс, беше отворена изложба „Македонско-американските односи низ историјата“, која претставува прв обид во музејската дејност да се пренесат долговековните врски и пријателства меѓу Македонија и САД.

Со оваа изложба, 20 години по потпишувањето на билатералниот договор меѓу Република Македонија и САД, нагласи министерот за одбрана Зоран Јолевски, сакаме да ги истакниме заемните односи и поддршка од институциите и поединците од двете земји во клучните настани од военото минато на Балканот.

Според него, одржувањето на Првото Собрание на АСНОМ и конституирањето на македонската држава даваат посебен белег на севкупните македонско-американски односи во најново време.

„По прогласувањето на независноста и самостојноста на Македонија во 1991 година надворешно политичките активности на МО и АРМ одиграа значајна улога во развојот на односите меѓу двете земји“, рече Јолевски.

Меѓу другото, потенцира дека доказ за пријателството и соработката се и заедничките активности во рамки на ИСАФ мисијата во Авганистан, во мисијата во Ирак, како и мисијата „Феникс“, заедно со Националната гарда на Вермонт. Со тоа, според Јолевски, припадниците на армиите на Македонија и на САД отворија нова силна страница во историјата на односите меѓу двете земји.

За амбасадорот Волерс оваа изложба дава шанса да се погледне како низ прозорец во минатото и да се види како се одвивал развојот на билатералните односи.

„Како гледаме во минатото заедно, гледаме енергично и напред, како да ги зајакнеме уште повеќе нашите односи и пријателство. Ние сме горди да ја наречеме Република Македонија наш пријател и сојузник и гледаме напред да видиме како го исполнува својот потенцијал како силна и просперитетна мултиетничка демократија целосно интегрирана во евроатлантската заедница. Се надеваме дека тоа време ќе дојде многу брзо“, потецнира Волерс.

Изложбата, наведе амбасадорот на САД, ќе помогне да се раскаже приказната за пријателството и трајните врски на двата народа, но и за длабочината на односите кои се прошируваат и зајакнуваат во текот на годините, а секој од изложените документи и фотографии раскажуваат дел од приказната, исполнета со напорна и пожртвувана работа за надминување на тешкотиите.

„Историски САД е и секогаш била земја која постојано работи, а македонските граѓани имаат дадено голем придонес. Како земја основана од имигранти, ние имаме многу причини да и се заблагодариме на Македонија за збогатување на животот и општеството на Америка. Ние сме горди што сме во можност да придонесеме и во градењето на оваа земја“, истакна Волерс.

Директорот на Воениот музеј Александар Стојчев информира дека изложбата има повеќе ескслузивитети како што се личните предмети на Ѓорче Петров, кој прв пишувал за емигрантското движење од Македонија во Америка, пресата за ковање пари употребувана по наредба на Гоце Делчев за набавка на оружје во време на грабнувањето на Мис Стоун, делови од урнат американски авион во Втората светска војна пронајдени кај Вратница, оригинални примероци на книги и документи, особено видео материјали за македонската емиграција во САД, за помошта дадена од Армијата на САД на Скопје и Македонија по земјотресот во 1963 и други уникатни содржини, кои ќе бидат и дел од публикација што МО наскоро ќе ја промовира.