ВМРО-ДПМНЕ: Ги прашуваме од СДСМ кое добро тие го направија за период од 8 години колку што беа на власт во Охрид

Во врска со денешното соопштение на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати ОК на ВМРО- ДПМНЕ, во која се вели:

„Стана вообичаена пракса на СДСМ – Охрид со празни демагогии и ширење лаги да ја изобличува вредната работа на локалната Власт од ВМРО-ДПМНЕ и да коментира дел од одлуките на Совет ден по одржување на Седницата.

ВМРО-ДПМНЕ денес јавно ги прашува охридските социјал демократи: кои се “добрите“ нацарт развојните програми кои ги носеа во нивно време и со кои успеаја на Општината и јавните претпријатија да им остават долг од над 50 милиони евра. ВМРО –ДПМНЕ ги прашува социјал демократите дали тие на ваков начин со долг кој што во олкави размери не памети поновата историја на Европа за толку мал град како што е Охрид, покажуваат дека го сакаат градов?

Новата локална самоуправа предводена од ВМРО- ДПМНЕ и градоначалникот Бакрачески за период од година и половина колку што е на власт, реализираа многу повеќе проекти отколку СДСМ која 8 години беше на власт. Во тек се капиталните проекти, катна гаража дом за стари лица , затворен базен, затворен зелен пазар кои актуелната локална власт успешно ги реализира во сите законски рамки иако се соочува со правни лавиринти и тешкотии кои ги наследи од времето на СДСМ.

Актуелната локална власт на ВМРО –ДПМНЕ и покрај наследената катастрофална финансиска состојба успеа за само една и пол година да реализира стотина проекти во делот на нови улици, тротоари, атмосферска канализација, фекална канализација. Локалната власт предводена од градоначалникот Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ отвора и реконструира школи и градинки. Гради и реконструира игралишта. Гради и уредува плоштади секаде каде е тоа потребно.

На крај ВМРО- ДПМНЕ ги прашува социјал демократите ,кои се нивните капитални дела , односно кое добро тие го направија за период од 8 години колку што беа на власт во Охрид?“– стои во реакцијата.