Пациентите и докторите во ноември повеќе го почитувале закажаниот термин за преглед

Бројот на пациенти кои изминатиот месец не дошле на закажаниот термин и истиот не го откажале е за 42 отсто намален во однос на претходниот месец, покажала анализата на податоците од системот МојТермин.

Во септември кога почна анализата на податоците од системот, бројот на докторите кои доцнеа на првиот закажан термин за преглед изнесуваше 162, во октомври тој број се намали на 32, а во ноември е сериозно намален во споредба со претходните месеци и изнесува 24 доктори. Само кај двајца доктори (еден од Градската општа болница „8 Септември“ и еден од Универзитетската клиника за урологија) има повторување да имаат повеќе од три доцнења во текот на еден месец повеќе од еден час и за нив ќе барам од директорите да се преземат соодветни мерки.

Министерот Тодоров најави дека продолжува да се следи непочитувањето закажани термини од страна на одредени доктори или пациенти, за што повеќе пати е информирано и оти се забележува подобрување во однос на претходните месеци.

„Во октомври на закажан преглед не дошле околу 45.000 пациенти, додека во ноември речиси половина помалку, односно вкупно 26.370 пациенти, а околу 27.700 упати биле нереализирани. Од друга страна, забележавме и редуцирање на појавата за која исто така неодамна информиравме, а тоа е доцнење на одреден број доктори три пати или повеќе од три пати во месецот по минимум еден час на првиот закажан преглед во денот.“-истакна Тодоров.

Појасни дека специјалистот по трансфузиска медицина од Крива Паланка, кој 15 пати задоцнил повеќе од еден час на преглед, изминатиот месец не задоцнил ниту еднаш.

Министерството за здравство редовно потсетува за навремено откажување на термините, со јавување на телефонскиот број 15 444 или со праќање на СМС порака на бројот 144 194 со содржина број на упат. Исто така, тим од МојТермин редовно испраќа СМС-пораки до пациентите со потсетување за закажаните термини.

„Податоците од системот МојТермин покажуваат подобрување. Откажувањето на термините изминатиот месец е за 18 отсто зголемено во споредба со септември, односно во септември биле откажани вкупно 37.861 термин, додека во ноември биле откажани вкупно 44.750 термини. Околу 13,5 отсто од специјалистичките упати во ноември не биле реализирани поради недоаѓање на пациентите, а за споредба, овој процент во јули и август бил прилично повисок и изнесувал 23 отсто.“– рече Тодоров.