Државата ќе ја унапредува положбата на пензионерите

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов се обрати на 8-та седница на Собранието на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија на којашто на самиот почеток потенцираше дека Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика изминатите години се трудеа да го подобруват статусот на пензионерите во општеството и државата, преку различни иницијативи и проекти и потсети на дел од нив.

„Во време кога Европа ја зафати голема економска криза одделни држави преземаа остри мерки во пензиското осигурување кои се одразија со намалување на правата или „замрзнување“ на висината на пензијата за неколку години. Сведоци сме дека и денес за такви чекори се говори и во соседството. Спротивно на тоа во Република Македонија имаме редовна исплата на пензии во првата седмица од месецот и нејзино континуирано зголемување. Владата на Република Македонија изврши дополнително зголемување на пензиите. Во таа насока од 2006 година просечната пензија се зголеми за 62%, или изразено во пари во 2006 година, просечната пензија изнесуваше 7683,00 денари, а во 2014 година изнесува 12.445,00 денари. Со цел подобрување на социјалната положба на корисниците на пензија во 2014 година, со февруарската исплата на пензиите се изврши усогласување односно зголемување на пензиите за 5%. Остануваме и понатаму посветени на одржување на социјална сиигурност на пензионерите и според програмата на Владата и во 2015 година пензиите ќе се зголемат за 5%. Со предложеното усогласување од 5 %, во номинален износ за сите корисници на пензија, секој пензионер рамномерно, пред сè позитивно за оние кои имаат пониски пензии, ќе добие дополнителни околу 600 денари зголемување на пензијата”, рече Спасов.

Тој изрази задоволство и од петгодишното успешно спроведуваме на проектот „Бањско климатска рекреација на корисници на пензија” и рече:

„Реакциите на пензионерите кои имаа можност да ги почувствуваат благодетите од бањскиот туризам, ми даваат за право да кажам дека ова е еден од најуспешните и најприфатени владини проекти. Така, од почеток на проектот во 2010 година до сега 27.430 пензионери ја искористија оваа услуга, а само за оваа година приближно 20.000 граѓани аплицираа да бидат дел од овој проект. Токму затоа, истиот ќе продолжи да се реализира и во 2015 година со кој ќе бидат опфатени нови 5500 лица. Во последно време низ јавноста одредени структури преку дел од медиумите дезинформираа дека на пензионерите не им се исплаќа посмртнина или им се исплаќа намалена на оние пензионери кои биле на бања во рамки на овој проект. Би сакал овде пред Вас уште еднаш да потенцирам дека се работи за невистина и обид да се фрли темна дамка на проектот за бесплатна бањско-климатска рекреација. Ова воопшто не е точно и овој проект е целосно бесплатен за корисниците на пензија.За разлика од тие структути, кај оваа Влада никогаш не постоело намера да се манипулира со пензионерите, напротив само сакаме да изнесуваме нови идеи за нивна благосостојба”.– рече Спасов.

Министерот за труд и социјална политика информираше дека: „Веќе наредната година ќе се започне со нов проект „Бесплатен туристички викенд за корисниците на пензија“ со кој ќе се овозможи дополнителна рекреација на корисниците на пензија преку користење на бесплатен викенд петок, сабота и недела со обезбеден превоз и полн пансион во туристичките капацитети во Република Македонија: Охрид, Струга, Дојран, Крушево, Преспа, Берово. Проектот ќе се реализира во пролетниот и есенскиот период. Оваа услуга ќе може да ја користат до 3000 корисници на пензија. Во однос на подобрување на условите за живеење и престој се преземаат активности насочени кон подобрување на условите за сместување и престој на корисниците на пензија во пензионерски домови. Па така, во 2013 година се изврши реконструкција на пензионерските домови „Ѓорче Петров„ и пензионерскиот дом „Чаир„ во Скопје, а во 2015 година ќе се извршат инвестициски и градежни зафати во пензионерските домови во Автокоманда и Аеродром, со што значително ќе се подобрат условите за живеење на корисниците на пензија.Со цел поголема објективност и транспарентност во сместувањето во домовите и становите за живеење со кои управува Фондот за пензиско-инвалидско осигурување со законски измени се воспостави основ за сместувањето во пензионерските домови да одлучува Комисија во чијшто состав има претставници од три институции. Со електронската распределба на домовите и становите за живеење ќе се зајакне ефикасноста и објективноста во одлучувањето и ќе се постигне поголема транспарентност во водењето на постапката за сместување во пензионерски домови”, рече Спасов. Тој во оваа прилика изрази и задоволство од соработката со Сојузот на здруженија на пензионери како репрезент на пензионерите во Република Македонија и како најбројна организација во партнерскиот однос со Министерството за труд и социјална политика достоинствено се залага за заштита и промоција на социјалните права и интереси на пензионерите. Тоа значи целосно преземање на мерки за унапредување на социјалната положба и интеграција и подобрување на животниот стандард на корисниците на пензија.

„Дозволете ми во оваа прилика, да го изразам своето задоволство од воведувањето на Советот за социјална сигурност, каде што најголем број на членови има од Сојузот на здруженијата на пензионерите (три члена) и по еден член од други институции и организации и тоа: од Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии, Министерството за здравство, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување осигурување на Македонија, Црвениот крт на Република Македонија, Агенцијата за супервизија на капиталното финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и пензиските друштва.Советот ќе разгледува прашања поврзани со унапредување на социјалната положба и интеграцијата на корисниците на пензија и ќе предлага мерки за подобрување на стандардот на корисниците на пензија. Заклучоците коишто ќе ги донесува Советот ќе претставуваат основа за натамошно креирање на политиките во областа на социјалното осигурување и социјалната заштита”, рече Спасов и продолжи:

„Пензионерите мора да учествуваат во одлуките кои се носат за нив. Токму затоа во Управниот одбор на Фондот на ПИОМ има претставник од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. Преку учеството во Управниот одбор Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија е дел од процесот на управување со работата на Фондот на ПИОМ. Сетот на мерки наменети за пензионерите, кои ги осмислуваме се трудиме да го допираат секој сегмент на живеењето. Па така, воведен е беплатен транспорт во јавниот градски сообраќај во Скопје во четири денови, бесплатен железнички викенд превоз за жени над 62 години и мажи над 64 години, воведовме бесплатно болничко лекување за корисници на пензија чијашто пензија изнесува до просечната висина на пензијата.Водиме постојана грижа за повозрасните лица со цел нивна поголема исполнетост на слободното време и поголема независност во секојдневното живеење. Поаѓајќи од потребата за оформување дневни центри за старите лица во местото на живеење, развиваме мрежа од дневни центри како социјални сервисни служби за стари лица. Во 2014 година отворивме три дневни центри, а во наредниот брз временски период планираме уште три. Со овој проект имаме за цел да ја подобриме социјализацијата на повозрасните лица преку нивна секојдневна комуникација и дружење.”-додаде Спасов.

Министерот Спасов рече дека Министерството за труд и социјална политика е редовен покровител на Републичките пензионерски спортски натпревари и дека и во иднина секогаш во рамки на можностите ќе поддржува реализација на настани и програми кои се однесуваат на пензионерите и нивните интереси. Посебно се заблагодари на претседателот на Сојузот.

„Би сакал во оваа прилика да му честитам на претседателот Драги Аргировски за залагањата кои ги прави за сопствените членови и подготвеноста за соработка, сè со цел пензионерите да го добијат најдоброто во дадениот момент. Ви честитам претседателе Аргировски, како Министерство и Сојуз постигнавме заедно многу, а убеден сум дека ќе постигнеме уште повеќе.Односот кој го негуваме кон Вас како највозрасни граѓани во општеството, е однос кој утре треба да го имаат идните генерации кон нас. Поддршката, разбирањето, се наши долгови кон Вас. Лично посакувам силен и сплотен Сојуз на здруженија на пензионери кој ќе ни биде партнер во носењето на нови бенефити за пензионерите”.- истакна Спасов.