Потпишан Протокол за преземање на лица кои престојуваат без дозвола

Денес (16.12.) во Министерството за внатрешни работи се одржа средба на Заменикот на Министерот за внатрешни работи г. Земри Ќамили со Вонредниот и ополномоштен Амбасадор на Република Словачка во Република Македонија Н.Е. м-р Мартин Безак при што беше потпишан и Протоколот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Словачка за спроведување на Спогодбата меѓу Република Македонија и Европската заедница за преземање на лица кои престојуваат без дозвола.

На средбата, Заменикот Министер г. Ќамили изрази предлози за натамошно продлабочување на меѓусебните односи и соработка преку размена на податоци и информации со овластени агенции за борба против организиран криминал, учество и спроведување на заеднички меѓународни истраги и сознанија за конкретни случаи од областа на трговија со дрога, криумчарење мигранти, криумчарење на акцизна стока, компјутерски криминал и друго како и размена на искуства и едукација на полициските службеници преку спроведување на заеднички обуки, семинари и работилници, особено од областа на илегална миграција, компјутерски криминал, гранична безбедност и друго.