Во тек се два инфраструктурни зафати во населбата Лескајца

Градоначалникот Бакрачески заедно со надлежните од општинските сектори и директорите на јавните претпријатија обиколи неколку локации каде се реализираат проекти од годишната програма за комунален развој.

Обиколката почна со посета на улицата „Стив Наумов“ во населба Лескајца, каде завршија градежните зафати за изградба на фекалната канализација. Инвестиција чини 761 288 денари, средства издвоени од буџетот на општина Охрид. Градежните зафати опфаќаат поставување на нови цевки за улична канализација ПЕ Ф 200 и ПЕ Ф312 – заштитни цевки при премин на река. Понатака се изврши вградување на тампон во каналски ров со набивање и поставување на шахти покриени со лиено железо за тежок сообраќај. На оваа сообраќајница се прошири и уличното осветлување во должина од 120 метри. Во наредните денови останува уште да се постават бехатон плочки. Инаку со поставувањето на фекалната канализација се решава проблемот со изливање на фекалните води во реката Грашница.

Потоа градоначалникот Бакрачески го посети и местото каде од забот на времето попушти потпорниот ѕид на реката Грашница. По завршувањето на увидот на потпорниот ѕид надлежните служби започнаа со подготовка на проект за негово санирање.

potporen_zid_4001