Македонија – домаќин на Европското клупско шаховско првенство во 2015 година

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески оствари средба со претседателот на Европската Шаховска Федерација и заменик министер за спорт на Грузија господинот Зураб Азмајпарашвили.

Тема на средбата беше организацијата на Европското клупско шаховско првенство, кое треба да се оддржи во месец Октомври 2015 година во Скопје.

Спасески на средбата му ги пренесе искуствата од вложувањето во спортот и спортската инфраструктура од страна на државата, а го информираше господинот Азмајпарашвили дека Македонија во минатото била домаќин на голем број шаховски манифестации и на сите се покажала како одличен домаќин.

„Република Македонија вложува и во шахот, а во изминатиот период во нашата земја се одржаа силни меѓународни шаховски турнири како Средба на Солидарноста, организирани 1967-1976 година на кои учествувале светските прваци Фишер и Карпов,тунирот Скопје Опен, како и Шаховската Олимпијада која се одржа во далечната 1972 година. Токму за Шаховската Олимпијада, Македонија има добиено пофални зборови и претставувала пример за организација на останатите шаховски олимпијади“. – потенцираше Спасески и додаде дека очекува од овие натпревари Македонија да ги добие идните наследници на Трајко Недев, Весна Секуловска, Драгољуб Јаќимовиќ и Елизабета Чолаковска Шпољариќ.

Претседателот Азмајпарашвили се заблагодари за приемот и истакна дека очекува Македонија и Градот Скопје како домаќин да го организираат најуспешното Европско клупско првенство досега.

„Очекувам Македонија да се покаже во највисоко светло на организација, а со тоа и да претставува пример за организација на ова големо натпреварување. Во минатото имавме одлична потврда за организационите способности на Вашата земја и поради тоа и не се сомневаме“. – заврши Азмајпарашвили.