Европскиот парламент го награди филмот „Ида“

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, ја додели годишната филмска награда „Лукс“ на режисерот Павел Павликовски за полско-данскиот филм „Ида“. Наградата има за цел да ја промовира европската разноликост и општествената важност на филмот на Стариот континент.

„Европските филмови ни овозможуваат да се запознаеме со нашата заедничка историја и со приказните на нашите соседи, да имаме пристап во реалноста на животот во другите земји, подобро да се запознаеме себеси и нашите соседи, да имаме поголемо разбирање едни со други и да го зајакнеме чувството на заедничка припадност, надминувајќи ги националните граници“, – истакна првиот европарламентарец.

„Ида“ е емоционална индивидуална приказна за една девојка Ида (која ја глуми Агата Трзебушовска), сираче, кое пред да стане калуѓерка, дознава дека има тетка и во потрага по својот идентитет, се соочува со мрачните тајни на своето минато. Ова е филм за универзалнитe нешта: вината, слабоста, простувањето, но, исто така, за парадоксите на човековата душа и историските ситуации.

„ „Ида“ е филм кој успеа да допре до јавноста низ целата територија на Европа. Тоа покажува дека уметноста сè уште има значајна улога во нашето општество“, – истакна режисерот Павликовски при примањето на наградата.

Покрај „Ида“ и преостанатите два финалисти – словенечкиот „Класен непријател“ на Рок Бичек и „Моминство“ на Селин Шиама од Франција, се титлувани на 24 јазици, прикажани во текот на „Лукс“ филмските денови во сите 28 земји-членки на ЕУ, на најмалку 18 фестивали, во повеќе од 40 европски градови.

Инаку, „Ида“ веќе се закити и со титулата најдобар европски филм на Европските филмски награди во Рига, а е номиниран и за престижниот „Златен глобус“.