Груевски-Давутоглу: Очекуваме трговска размена од милијарда долари

Економските односи треба да ги следат одличните политички релации меѓу Турција и Македонија. Очекуваме трговската размена која сега изнесува околу 450 милиони долари во многу скоро време да достигне милијарда долари, истакнаа на денешната заедничка прес-конференција турскиот премиер Ахмет Давитоглу и неговиот домаќин, претседателот на македонската Влада Никола Груевски.

„Тоа што според увозот Македонија е осма, а по извоз 13. е апсолутно неприфатливо за мене. Не прифаќам ни да бидеме втори, а не пак меѓу првите 10 со оглед на одличните политички односи меѓу нашите две држави. Одличните политички односи мора да се рефлектираат со соодветна трговска размена. Министрите за економија ќе разменат мислења на ова поле и ќе ги видат суштинските можности за зголемување на соработката, вклучувајќи го тука и земјоделството и можноста за извоз во Турција. Ќе бидеме во постојан контакт повторно во однос на вложување во слободните индустриски зони,“ рече Давутоглу.

Според премиерот Никола Груевски, целта за трговска размена од милијарда долари е можно да се постигне, но кога ќе се случи тоа не зависи само од премиерите и министрите, туку и од бизнисмените.

„Во 1999 година кога бев министер за трговија го покренав прашањето за потпишување договор за слободна трговија со Турција. Почнаа преговорите и во период од година дена се потпиша договорот. Тогаш размената меѓу Македонија и Турција беше 50 милиони долари, а денеска е многу повеќе, речиси десеткратно повеќе и напредокот е огромен. Тоа доста ни помогна. Секако помогнаа и одличните политички релации помеѓу двете држави што ги охрабрува бизнисмените да вложуваат во едната или во другата држава. Тие политички релации и тој договор се уште се присутни и ќе продолжат да се применуваат. Дополнително на тоа ние правиме напори да им ги доближиме на инвеститорите информациите за можностите за правење бизнис во Македонија. Тоа јас го направив двапати со посета на повеќе градови во Турција истовремено примајќи и многубројни бизнис-делегации од Турција на коишто им одговорив на многу прашања. Ние и понатаму ќе продолжиме да вложуваме напори со кои ќе им помогнеме на оние компании од Турција кои планираат да го прошират својот бизнис надвор од Турција. Со оглед на тоа дека и бројот на туристи е значајно зголемен, постојат одлични претпоставки за понатамошен развој на економските релации, а тука влегува и зголемувањето на извозот од Република Македонија“, рече Груевски.

Турскиот премиер Давутоглу истакна дека Турција останува и силен подржувач за членството на Македонија во НАТО.

„Сакаме Македонија да биде што поскоро членка на Алијансата. Никој како Турција не ја поддржува Македонија на тој пат. Земјите од Балканот треба да бидат под чадорот на НАТО. На Самитот во Чикаго излагањето го започнав со изјавата дека јас сум од Македонија. Тоа е голема поддршка за Македонија од Турција и таа ќе продолжи како и досега“, рече Давитоглу.

Давутоглу е на чело на турската делегација која ја сочинуваат и заменик-премиерот и министрите за надворешни работи, за економија и за здравство.

Во однос на економската соработка, првите 10 месеци од годинава вкупната трговска размена меѓу двете земји е 375 милиони долари, а Турција е осми трговски партнер на Македонија.

Инаку, во рамки на посетата турскиот премиер Давутоглу вчера имаше средби со невладиниот сектор и партиите од турската заедница. Денеска се сретна со бизнисмените од Турција кои инвестираат во Македонија, а покрај средбата со премиерот Никола Груевски попладнево ќе се сртене и со претседателот Ѓорге Иванов.