Извршено порибување на риболовниот ревир „Црн Дрим 1“

ЗРСК Пастрмка – Струга изврши порибување на „риболовниот ревир река Црн Дрим 1“, односно на река Црн Дрим од истекот на Охридско Езеро до вливот во акумулација Глобочица, вклучуваќи ги и притоките река Сатеска и Вевчанска река.

„Со порибувањето на риболовниот ревир „Црн Дрим 1“, при што беа порибени реката Сатеска, Црн Дрим и Вевчанска река. Порибувањето е извршено со автохтона речна пастрмка со количина од 3 илјади единки со просечна големина од 10 до 30 грама. Ова порибување е редовно од страна на Здружението „Пастрмка“ од Струга согласно риболовната основа за риболовниот ревир и согласно годишниот план кој здужението го има поднесено до Министерството. Се надеваме дека со ова порибување овој ревир ќе биде се поатрактивен за рекреативните и спортските риболовци. Апелираме до рекреативните и спортските риболовци, да ја почитуваат забраната за лов на пастрмка која важи од 15 октомври до 1 март, но исто така апелираме до сите да го дадат својот максимум во заштитата на пастрмката на овој ревир. Ова порибување е со подмладок произведен во репро-центарот „Шум“ кој работи во склоп на институтот за сточарство во Скопје и е под строг надзор на државниот инспекторат за земјоделство, значи производството, одгледувањето, исхраната и самиот процес на порибување.“ – истакна Државниот инспектор за земјоделство, Јован Бојчовски.

Здружението на риболовци „Пастрмка“ од Струга со апел до сите риболовци да ја штитат пастрмката.

„Ние како Здружение на риболовци „Пастрмка“ од Струга сме концесионери на ревирот „Црн Дрим 1“, имаме наша обврска, а самото порубување е чин кој нас како риболовци многу ни значи и го почитуваме и го практикуваме секоја година. Апелирам до сите риболовци да ја штитат пастрмката, затоа што реката Црн Дрим од време била препознатлива по таа пастрмка, нашето Здружение го носи името „Пастрмка“, и наша обврска е да ја вратиме таа пастрмка во Црн Дрим како што било на времето. Се додека трае забраната, нашата рибочуварска служба воопшто нема да толерира никакви исклучоци за уловени единки на пастрмка.“ – рече претседателот на ЗРСК Пастрмка од Струга, Емил Матоски.

Инаку ЗРСК Пастрмка – Струга е концесионер за организирање на рекреативен риболов во „риболовниот ревир река Црн Дрим 1“.

 „Како спортски риболовец, чест и задоволство ми е што присуствувам на еден ваков настан, што придонесуваме за збогатување на ревирот со кој концесионираме со рибен фонд, поготово со автохтона пастрмка. Покрај нашето Здружение овој настан го поддржаа спортски риболовци од здруженија од цела Македонија.“ – рече Јулио Божиновски, член на Управниот одбор на ЗРСК Пастрмка од Струга.

„Јас сум еден од постарите членови во „Пастрмка“, го паметам времето кога во дримот имаше многу пастрмки. Се надевам дека ќе се врати времето каде ќе можеме да гледаме многу пастрмки по течението на реката Црн Дрим.“ – истакна Величе Наумоски, потпреседател на ЗРСК Пастрмка од Струга.