„Костал“ нова германска инвестиција со 1000 вработувања

Германската компанија „Костал“ е нова инвестиција која ќе се реализира во Македонија и ќе отвори 1000 работни места. Ќе се лоцира во охридско-струшкиот регион, на почетокот како браун-филд инвестиција, а подоцна и со сопствен капацитет.

Ова денеска го објави компанијата на својата веб страница, а го сподели премиерот Никола Груевски на својот фејсбук профил.

„Она што го ветив пред јавноста на 25 март 2014 дека ќе има инвестиција во охридско-струшкиот регион се официјализираше финално. Германската компанија „Костaл“ објави инвестиција и 1.000 нови работни места. 1000 нови вработувања за охриѓани и стружани. Вие знаете дека може да верувате на нашиот збор, дека се реалност и имаат корист за народот“, вели премиерот Груевски.

Премиерот додава дека по Гентерм и Капкон, Костaл е трета инвестиција во само седум дена и објава за 2.500 нови работни места за само една недела. – Нашата борба, истакнува, за секое ново работно место продолжува.

„Со задоволство ги објавуваме нашите планови да ги прошириме производствените капацитети и да инвестираме во Македонија“, наведуваат од „Костал“.

Извршниот потпретседател на компанијата Кристофер Сандерс вели дека плановите на „Костал“ за инвестирање во Охрид се во согласност со нивната стратегија за раст и нивна обврска да произведуваат производи со најдобар квалитет, технологија и цена.

Договорот за реализација на инвестицијата во Македонија ќе се финализира до крајот на јануари 2015 година. Се планира да влезе како браунфилд инвестиција на почетокот во 2015 година, а потоа ќе следи гринфилд инвестиција во период од 2017-2018 година. Локацијата е во регионот на Охрид и Струга. Првичната инвестиција ќе биде фокусирана на производство на механички производи и се планира да се отворат до 1.000 вработувања.

Се планира проширување во иднина со употеба на локална работна сила и капацитети.

„Костал“ е семејна компанија и водечки светски снабдувач со напредни електронски технологии, електромеханички и мехатронички производи за големите индустриски капацитети. Присутна е на 38 локации во 17 земји во светот на четири континенти со над 15.000 вработени.