Објавен јавен повик за конзул во Њујорк и оглас за членови на Советот за јавни набавки

Владата објави јавен повик за ангажирање на компетентен и високо мотивиран кандидат за Генерален конзул на Република Македонија во Њујорк, САД.

Како што изјави портпаролот на Владата Александар Ѓоргиев, заинтересираните кандидати потребно е да поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини, способност за тимска работа и да се подготвени за темелна посветеност, силен ангажман и предизвици во периодот на спроведување на значајни структурни реформи во земјата и остварување на политиките на Владата на Република Македонија.

„Сите кандидати имаат еднакви шанси за да бидат избрани, независно од нивната национална и верска припадност или пак политицка ориентација. Целта на Владата не е масовноста, туку да аплицираат најквалитетните и најспособни кандидати, бидејќи ова се значајни и одговорни позиции и токму знаењето и вештините се од круцијално значење за вршење на функциите и должностите. Токму знаењето и вештините, образованието и искуството ке бидат критериумите врз основа на кои ќе се врши изборот“, изјави Ѓоргѓиев.

Тој посочи дека ваквиот оглас за пројавување интерес не е законска обврска на Владата, но е со цел да се даде шанса на што поголем број способни луѓе.

Кандидатите согласно прошишаните услови треба да се државјани само на Република Македонија, да имаат завршено високо образование, да поседуваат еден од наведените меѓународно признати сертификат за познавање на англиски јазик, активно да владее странски јазик различен од англискиот, а да е еден од официјалните јазици на ОН или на ЕУ. Во случај кога кандидатот за генерален конзул е од составот на дипломатско-конзуларните службеници, да има стекнато високо дипломатско звање, односно да биде афирмирана личност во областа на надворешната политика и меѓународните односи, а се бара и да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност;

Заинтересираните кандидати треба да достават пополнета електронска апликација, која може да се најде на веб страницата на Владата на РМ (www.vlada.mk/konkursi/apliciraj), лична биографија (CV) не поголема од 5 страни, мотивациско писмо од најмногу 500 зборови.

Денеска е распишан и Оглас за именување два нови члена на Советот за јавни набавки. Согласно измените на Законот за јавни набавки Владата именува нови два члена на Советот за јавни набавки за период од четири години со право на повторен избор.

Кандидатите треба да се државјани на Република Македонија, во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда да не им се изречени казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, да имаат најмалку 240 кредити според ЕКТС, односно завршен VII/1 степен образование, работно искуство од најмалку пет години од кои најмалку три години од областа на јавните набавки, како и положено психолошки тест и тест за интегритет. Во однос на познавањето англиски јазик треба да поседуваат еден од наведените во огласот меѓународно признати сертификати за познавање на англиски јазик не постар од пет години, со напомена дека ова барање ќе започне да се применува од 12.3.2016 година, односно две години од денот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки.

Членовите на Советот за јавни набавки не можат да бидат членови во органи и тела кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија или Владата на Република Македонија. Работното време изнесува 40 (четириесет) часа неделно, односно 8 (осум) часа дневно во текот на работната недела, од 8:30 до 16:30, од понеделник до петок – полно работно време. Коефициентот за плата за членовите на Советот за јавни набавки е 3,7.

Заинтересираните кандидати треба да достават писмо за интерес со кратка биографија, доказ за државјанство, доказ дека на кандидатот не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, уверение за завршено образование и докази за работно искуство, за положен психолошки тест и тест за интегритет. Документите се доставуваат по пошта или директно до архивата на Владата на Република Македонија со назнака „Оглас за именување на два нови члена на Советот за јавни набавки” на адреса на Владата.

Краен рок за аплицирање за јавниот повик за конзул во Њујорк и за огласот е 20-ти јануари 2015 година.