Агенцијата за храна и ветеринарство го доби ISO 9001:2008 сертификат за управување со квалитет

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија го доби ISO 9001:2008 сертификатот за управување со квалитет, што претставува значаен меѓународен сертификат за управување со квалитетот во организацијата. Придобивките од воведувањето на стандардот ISO 9001:2008 во работењето е од големо значење за Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија, бидејќи тоа ќе придонесе институцијата да добие додадена вредност во однос на квалитетот на услугите што ги нуди, а воедно со системска контрола ќе се подобри ефикасноста и ефективноста на работењето се со цел да бидат задоволени потребите и очекувањата на бизнис операторите и на граѓаните, кои се корисници на нашите услуги.

Процесот за воведување на ISO 9001:2008 стандардот за квалитет во АХВ почна со имплементација кон крајот на април 2014 година, по што во периодот од 22 и 23 декември 2014 година беа спроведени сертификациски проверки од страна на сертификациското тело МКС. По спроведените проверки на имплементираниот Систем за менаџмент со квалитет, Агенцијата за храна и ветеринарство доби потврда за усогласеноста со барањата на ISO 9001:2008 стандардот за управување со квалитет.

По успешната сертификација, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија изјави дека имплементираниот Систем за квалитет во организација постојано ќе се унапредува се со цел на најдобар начин да се управува со квалитетот во институцијата.

„Со воведувањето на ISO 9001:2008 стандардот за квалитет, Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија уште повеќе го зацврстува своето реноме како институција која гарантира безбедна и квалитетна храна за луѓето, безбедна храна за животните, дека се добиваат квалитетни услуги и дека се грижи за здравствената заштита и благосостојбата на животните”, изјави директорот Зоран Поповски.

Државниот советник за храна и Менаџер за квалитет, Радмила Јовановиќ Николовска рече дека Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија ќе продолжи да го унапредува своето работење, преку подготовка на инспекциските одделенија во институцијата за акредитација со стандардот ISO/IEC 17020.