Градоначалникот Бакрачески активно вклучен во решавање на проблемите од невремето

Охрид успешно се справува со снежното невреме. Од вчеравечер и денес непрекинато се работи на расчистување на снегот од сите јавни површини во Охрид и неговата околина.

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески од синоќа до утрово активно учествуваше во расчистување на последиците од невремето кое го зафати охридскиот регион и цела Македонија.

Синоќа по налог на градоначалникот Бакрачески беше свикан кризниот штаб и беа мобилизирани сите надлежни служби, јавните претпријатија и противпожарната единица кои веднаш со своја механизација активно ги расчистуваат градските и приградски патишта. Сите градски улици од синоќа се чисти, но снегот кој постојано врне повторно ги покрива со снег. Чистењето без прекин се уште трае.

Синоќа градоначалникот Бакрачески ги посети и сите здравствени институции во Охрид, Општата Болница, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и „Заводот за кардиоваскуларни заболувања“ во Охрид, кои работат непречено и сите пациенти се добро згрижени.

Синоќа механизација од општина Охрид беше вклучена во расчистување на патот кон превојот Пресека. Во конвојот беше и градоначалникот Бакрачески кој се вклучи во расчистување на патот и евакуација на лицата кои се наоѓаат во завеаните возила.