Литванија го усвои еврото

На 15-годишнината од единствената европска валута, Литванија стана 19. членка на Еврозоната.

Почнувајќи од 1 јануари 2015 година, еврото постепено ќе го замени литасот како валута на оваа балтичка земја, која инаку е ЕУ членка од 2004 година. На новите литвански монети од едно евро, е изгравиран националниот грб од 14. век.

Белгија, Германија, Ирска, Шпанија, Италија, Луксембург, Холандија, Австрија, Португалија, Франција и Финска се дел од Еврозоната од 1999 година, Грција од 2001 година, Словенија од 2007 година, Кипар и Малта од 2008 година, Словачка од 2009 година, Естонија од 2011 година и Летонија од тукушто изминатата 2014 година.

На тој начин, се заокружува балтичкото патување во однос на прифаќањето на еврото, што се очекува да придонесе кон зајакнување на економијата во тој регион и истиот да стане уште попривлечен за бизниси, трговија и инвестиции.

Со приклучувањето на тримилионската Литванија, сега околу 337 милиони Европејци во 19 земји-членки на ЕУ, ја делат истата валута – евро.