Откриени шест странски државјанки кои на “црно“ работеле како танчерки во „Кораби“

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, изврши акциска контрола во угостителскиот објект „КОРАБИ“, лоциран во с.Горно Седларце, општина Боговиње – Тетово, управуван од страна на лицето З.Љ. (37), со цел откривање на незаконски вработувања и нелегален престој на странски државјани.

Од извршената контрола во наведениот угостителски објект, пронајдени се вкупно 16 девојки, кои работат во објектот како танчерки, келнерки и пејачки, од кои три македонски и 13 странски државјанки. При контрола на документите утврдено е дека шест девојки (пет од Албанија и една од Косово) немаат регулиран престој во Р.Македонија, односно, четири девојки со потекло од Албанија, поседуваат активна забрана за влез во Р.Македонија, додека една албанска и една косовска државјанка, немаат остварено регулиран влез во Р.Македонија.

Поради тоа од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал ќе биде поднесена кривична пријава против лицето З.Љ. за сторено кривично дело – “криумчарење мигранти“, предвидено и казниво по чл.418-б став 2 од КЗ на РМ. Пријавениот делото го сторил на тој начин што иако знаел дека имаат забрана за влез во Р.Македонија, ги прифатил, сместил и работно ги ангажирал како танчерки четири албански државјанки, а исто така прифатил и една албанска и една косовска државјанка кои немаат остварено легален влез во Р.Македонија, со цел стекнување на противправна имотна корист. Странските државјанки се сместени во Центарот за странци и од страна на Секторот за гранични работи и миграции, на истите ќе им биде поднесена мерка “Забрана за влез во Република Македонија“.