Во 2014 обезбедена поддршка за превод на 30 дела од македонски автори

Во 2014 пристигнаа 50 пријави од издавачи од 19 земји, а Министерството за култура го поддржа преводот на 30 дела од 23 македонски автори кои ќе бидат објавени на 15 странски јазици …

Министерството за култура ќе го субвенционира преводот на уште десет македонски наслови за кои се заинтересирале странски издавачи. Тие се пријавени во ноември и во декември во рамките на конкурсот за 2014 година кој беше отворен во текот на целата година.

Со нив, во изминатата година се прифатени вкупно 30 пријави за превод на дела од македонски автори. Идната недела ќе биде објавен конкурсот за 2015 година кој, исто така, ќе биде отворен цела година.

Според најновите резултати, на руски јазик ќе бидат преведени романите „Аквамарин“ од Тања Урошевиќ и „Дваесет и првиот“ од Томислав Османли (издавач: „Рудомино“ од Москва), на словенечки јазик романот „Ќерката на математичарот“ од Венко Андоновски (издавач: „Луд литература“ од Љубљана), на хрватски јазик „Лифтот (не) е за двајца“ од Христо Петрески (издавач: „Меандер медиа“ од Загреб), на бугарски јазик романот за деца „Збркана сказна“ од Киро Донев (издавач: „Мултипринт“ од Софија), на италијански јазик романот „Резервен живот“ од Лидија Димковска (издавач: „Атмосфере Либери“ од Милано), на дански јазик романот од Влада Урошевиќ „Мојата роднина Емилија“ (издавач: „Турбине Форлагет“ од Орхус), на ерменски јазик романот „Нишан“ од Блаже Миневски („Антарес ЛТД“ од Ереван). Од Миневски ќе биде преведен и романот „Јас, Тито и Мики Маус“ на српски јазик (издавач: „Арка“ од Смедерево), а на српски ќе биде преведена и книгата „Балканскиот мегаетникум – националните доктрини на македонските соседи“ од Димитар Мирчев (издавач: Европски центар за мир и развој од Белград).

Последните резултати од конкурсот за 2014 година денеска на прес-конференција ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Таа информираше дека во 2014 пристигнале 50 пријави од издавачи од 19 земји, а Министерството за култура го поддржа преводот на 30 дела од 23 македонски автори кои ќе бидат објавени на 15 странски јазици.

Конкурсот за финансирање преводи од странски издавачи беше воведен во почетокот на 2014 година. Тој е стимулативна мерка содржана во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 и е една од најкрупните реформи во издавачката дејност.

„Досега тој даде одлични резултати и обезбеди многу посоодветен третман на нашите автори кај странските издавачи. Министерството за култура го избра вистинскиот модел за поддршка на македонските автори и на македонското творештво и неговата афирмација и промоција во меѓународен контекст. Апликациите на странските издавачи го потврдија и интересот на странската читателска јавност за македонското литературно творештво кое, несомнено, квалитативно се издвојува во европскиот културен простор“ – рече Канческа-Милевска на прес-конференцијата на која присуствуваа дел од авторите чии дела ќе бидат преведени.

За преводот на сите 30 дела избрани во 2014 година Министерството за култура издвои вкупно 3,5 милиони денари. Се субвенционира преводот на делото, а печатењето и тиражот ги финансира странскиот издавач. Просечниот износ за превод на прозно дело е околу 3000 евра, а највисокиот износ во 2014 бил 3600 евра.

Нове Цветановски, член на комисијата која ги селектираше пристигнатите пријави, рече дека биле прифатени сите што биле комплетни. И сите износи за поддршка на преводи што ги предложила комисијата, Министерството за култура ги прифатило. Износите што ги обезбедува Министерството, рече тој, се солидни и меѓу најдобрите во Европа. Според него, тоа ќе биде мотив повеќе за странските издавачи да објавуваат дела од македонски автори.

„Овој конкурс е отворена врата за македонската литература која досега беше повремено подотворена, преку инцидентни поддршки. Со овој конкурс, како никогаш досега, е обезбеден излез на македонската литература во светот “– рече Цветановски.

Од 30-те македонски дела чии преводи се субвенционирани од државата, две се веќе објавени и денеска беа претставени – „Храпешко“ од Ермис Лафазановски на руски јазик и „Асхаровци“ од Трајан Петровски на српски јазик. Останатите 28 дела, како што соопшти министерката за култура, ќе бидат преведени и објавени до крајот на првата половина од 2015.

Преводите на романот од Влада Урошевиќ (Мојата роднина Емилија) на дански и на Блаже Миневски (Нишан) на ерменски јазик ќе бидат први преводи на прозни македонски дела на тие јазици. Авторите очекуваат нивните романи да ги отворат вратите за преводи на дела од други македонски автори во Данска и во Ерменија.

Писателите кои присуствуваа на прес-конференцијата – Влада Урошевиќ, Венко Андоновски, Ермис Лафазановски, Блаже Миневски, Тања Урошевиќ – ја пофалија стимулативната мерка и потегот на Министерството за култура оценувајќи дека е проект со кој е најден вистинскиот пат за афирмација на македонската литература во светот и чии резултати ќе бидат видливи по неколку години.

04_640_______