Новогодишен концерт на Културно Уметничкото Друштво „Дримкол“ – Вевчани

Културно Уметничкото Друштво „Дримкол“ од Вевчани, Новата 2015 година ја започнува со свечен Новогодишен концерт на Фолклорниот ансамбал кој ќе се одржи утре, 11- ти јануари (недела) во Домот на културата во Вевчани.

Концертот ќе започне во 20.00 часот, но поради големиот интерес ќе се одржи уште еден концерт и тоа 2 часа порано, односно во 18.00 часот. Концертот е насловен „Едно видување, еден век“ а неговата порака е за почит, љубов, разбирање и искрен муабет на човек со човека.

„Ах бре пријателе, шуќур што се видовме та да ти ги накажва мокиве мој, ем на душава ми олесна, ем пола како да ги решив, заш дејнцка све мојш да најш, само прав чвек за муабет тешко да сретниш…“ ќе речат двајцата актери од Патувачкиот театар кој реалните состојби на денешницата вешто ги поврзавуаат со фолклорот и традицијата.

КУД „Дримкол“ од Вевчани е едно од ретките друштва што презентира тематски концерти, наспроти класичните изведби на песна, ора и инструментални нумери. После концертните проекти „Македонска свадба“ и „Обредни песни и игри од Вевчани“ доаѓа и утрешниот „Едно видување, еден век“.

„За нас Новогодишниот концерт е најважниот настан во годината, бидејќи е наменет за нашата публика, Вевчанската. Секоја година се стремиме истиот да биде ем различен, ем поубав од предходниот, а последниве 3 години концертите се веќе тематски со своја цел и порака. На концертот учествуваат сите фолклорни состави, народниот оркестар и оркестарот на традиционални инструменти, пејачката група“ – велат од КУД „Дримкол“- Вевчани.

Првиот Новогодишен концерт на КУД „Дримкол“ е организиран во 2000 година и од тогаш традиционално се организира секоја година на 11-ти јануари во Вевчани.