Претседателот Иванов се сретна со претставници на Професорскиот Пленум и на Студентскиот Пленум

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска, по нивно барање, прими претставници на Професорскиот Пленум и на Студентскиот Пленум.

На средбата соговорниците разменија мислења околу севкупните состојби во образованието во Република Македонија и се согласија за неопходноста од спроведување реформи во образованието, како и за потребата од квалитетно високо образование.

Претставниците на Професорскиот Пленум и на Студентскиот Пленум ги образложија своите видувања во врска со предложените законски измени во областа на високото образование.

Претседателот Иванов рече дека на Република Македонија и е потребна успешна трансформација на високото образование.

На средбата претседателот Иванов изрази загриженост за тенденцијата на поделби во академската заедница и повика на единство и дијалог, со цел надминување на актуелните состојби.

Македонскиот претседател најави дека во текот на утрешниот ден, по нивно барање, ќе ги прими и претставниците од „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование”.

Претседателот Иванов предложи да се одржи заедничка средба со претставниците на Професорскиот пленум, на Студентскиот пленум и на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование”.