Притворен стружанец кој упатувал закани со оружје кое нелегално го поседувал

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против Б.С. (45) од Струга. Основниот суд Струга него му одреди мерка притвор во траење до 30 дена.

На 9-ти овој месец, пријавениот на жител на селото Мислешево му вперил огнено оружје-пиштол во пределот на вратот и стомакот и му упатил сериозни закани дека ќе го убие него, а потоа и неговиот син. Настанот се случил во 17 часот и 20 минути во дворот на оштетениот жител на струшкото село Мислешево каде пристигнал сега притворениот. Тој започнал вербална расправија по што од појасот го извадил пиштолот што нелегално го поседувал и му го вперил најнапред во вратот, а потоа и во стомакот. Притоа тој се заканал дека ќе го убие оштетениот и неговиот син кој претходно во расправија го удрил синот на пријавениот.

Откако оштетениот му кажал на пријавениот дека неговиот син бил на работа, пријавениот си заминал. Тој, со цел да ја расчисти ситуацијата околу 20 часот и 30 минути повторно пристигнал во домот на оштетениот од каде е приведен. Притоа Б.С. го фрлил пиштолот што било забележано од полициските службеници. Оружјето е одземено и констатирано е дека се работи за пиштол марка „Перто Берета“ калибар 7,65 милиметри со една рамка, во репетирана состојба и со куршум во цевка.

При извршен претрес, во домот на притворениот Б.С. пронајдена е една малокалибарска пушка калибар 22 милиметри со оптички нишан која истиот нелегално ја поседувал.

Пиштолот и малокалибарската пушка се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.