Контроли и во угостителски објекти во Охрид и Кичево – изречени глоби во пет локали

Припадници на СВР Охрид во содејство со инспекциски служби на Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат вчера, по претходно изготвен план, реализираа акциска контрола во угостителски објекти на подрачјето на ПС од ОН Охрид, при што беа опфатени девет угостителски објекти („Летница“, „Алвариус“, „Кадмо“, „Перла“, „Пијано бар“, „План Б“, „Објектив“, „Барон“ и „Американо“), информираат од МВР.

Од извршените контроли во два угостителски објекти („Перла“ и „Кадмо“) од страна на УЈП констатирани се неправилности по однос на фискализацијата за што од нивна страна e изречена глоба во висина од по 3.250 евра во денарска против вредност (2.500 евра за правното лице и 750 евра за одговорното лице во правното лице) како и времени забрани за вршење на дејност во траење од по 15 дена, додека пак во другите локали не се евидентирани никакви неправилности, а угостителниот објект „Американо“ бил затворен односно не обавувал дејност.

Во рамки на контролата нарушен е јавниот ред и мир – со викање и карање на висок тон – од страна на сопственикот на едниот од објектите Р.Б. против кого ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка согласно член 4 од ЗППЈРМ. Исто така при контролите околу 23 часот евидентирано е и оштетување на возило од страна на засега непознато лице на ПМВ марка “фиат панда“ сопственост на УЈП, за што од страна на СВР Охрид е извршен увид.

Исто така во текот на вчерашниот ден вакви акциски контроли во угостителски објекти беа реализирани и на подрачјето на Кичево и село Зајас, а беа опфатени седум угостителски објекти („Интернационал“, „Ферит Компани“, „Луна“, „Релакс“, „Мерак“, „Дежа -ву“ и „Принцеза“). При контролите констатирано е следното: во угостителските објекти „Ферат компани“ и „Дежа-ву“ поради констатирани прекршоци – непоседување нормативи за храна и пијалоци – од страна на ДПИ изречена е глоба за одговорното лице и правното лице вкупно во висина од 1.500 евра во денарска противвредност, додека пак од страна на УЈП поради непоседување фискален апарат во двата случаи изречени се глоби од по 3.250 евра (за правното лице 2.500 ева и за одговорното лице 750 евра) во денарска противвредност како и времени забрани за вршење дејност во траење од по 30 дена. Во угостителскиот објект “Принцеза“ од страна на УЈП констатиран е прершок – неводење итна сметководствена книга – за што е изречена глоба во висина од 2.500 евра за правното лице и 600 евра за одговорното лице во правното лице.

Инаку претходно на подрачјето на СВР Тетово во акциски контроли беа опфатени вкупно 43 угостителски објекти од кои санкции беа изречени во 28, во висина од над 51.000 евра. Исто така глоби беа изречени и за девет физички лица затекнати со цигари во угостителските објекти, додека пак беа издадени решенија за вкупно 29 забрани за времено вршење дејност, од кои 18 за времетраење од 15 дена, осум во времетраење од 30 дена и три во времетраење од по седум дена.

Исто така на почетокот на месецот на подрачјето на СВР Скопје во ваквите контроли во угостителски објекти беа опфатени вкупно 91 угостителски објект каде што се служи храна и пијалоци, при што во 40 објекти беа регистрирани неправилности во нивното работење, и за констатираните неправилности поднесени се соодветни подносоци и тоа: од страна на УЈП издадени се вкупно 33 платни налози за наплата на глоба против правни и одговорни лица, од страна на ДПИ издадени се 29 платни налози за наплата на глоба, а од страна на УПС од СВР Скопје издадени се 28 платни налози за констатирани прекршоци согласно Законот за заштита од пушење и четири согласно Законот за лична карта во вкупна висина од над 87.000 евра во денарска противвредност. Исто така, за вкупно 21 објект издадени беа решенија за забрана за вршење на дејност и тоа: на седум објекти во времетраење од 30 дена, на 13 објекти во времетраење од 15 дена, а на еден објект во времетраење од три дена.