Македонија прва ја потпиша Спогодбата за Балканските медицински сили

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, денеска во просториите на Министерството ја потпиша Спогодбата за Балканските медицински сили. Станува збор за проект инициран од Кралството Норвешка и поддржана од Соединетите Американски Држави со кој се зајакнува интероперабилноста на регионот со ОН, НАТО и ЕУ на ова поле.

„Република Македонија е всушност првата земја која ја потпиша Спогодбата, со што се потврди и определбата на нашата земја, но и на Министерството и Армијата на Република Македонија за поблиска регионална соработка на сите полиња. Со тоа ние ќе овозможиме и нашиот регион да биде побезбеден и попросперитетен“, рече министерот Јолевски на потпишувањето на документот во присуство на одбранбеното аташе на Кралството Норвешка.

Како што соопшти Министерството за одбрана, Балканските медицински сили чие седиште е во Република Македонија, имаат за цел да ги подобрат и дополнително зајакнат националните и регионалните  воени медицински капацитети за поддршка на цивилната заедница, како и интероперабилноста во тој сегмент со силите на ОН, НАТО и ЕУ.

Од регионот, во Балканските медицински сили освен Република Македонија, вклучени се и Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија, Србија и Црна Гора.

Проектот е дел и од концептот за „паметна одбрана“ имајќи предвид дека вклучува специфични капацитети од земјите од регионот, кои ќе бидат достапни за тие земји, но и во рамките на некое идно можно заедничко учество во меѓународни мировни мисии.