Приведени тројца албански државјани во обид да прошверцуваат накит и часовници надвор од државава

ОПКМСР при Регионалниот центар за гранични работи-Север до Основното јавно обвинителство Скопје, ќе биде поднесена кривична пријава против лицета A.Г. (34), Б.Г. (27) и А.Б. (27) сите државјани на Р.Албанија, за сторено кривично дело “криумчарење “ казниво по член 278 од Кривичниот законик на РМ.

Имено вчера (18.01.) во 21,00 часот за излез од држава на ГП “Долно Блаце“ се пријавиле тројцата осомничени кои се превезувале со ПМВ марка „Форд Фокус“, со италијански регистарски таблички. Од страна на УПС возилото било селектирано за дополнителна контрола, ставено на канал и заедно со царинските службеници од Царинската испостава „Блаце“ била извршена подетална контрола на возилото, при што во истото во посебно импровизиран простор во возилото биле пронајдени две пластични кеси. Во едната биле откриени монети како и накит во вкупна тежина од околу половина килограм, а во втората кеса над триесетина парчиња машки часовници со различни марки (“Ролекс“, Патек Филипе“, “Омега“, “Спид Мастер“ и други) како и разни странски валути во различни апоени (англиски фунти, турски лири, канадски долари, австралиски долари…) во вкупна вредност од околу 1.000 евра.

Лицата се приведени и задржани, а постојат индиции дека наведените предмети кои со потврда за привремено одземени предмети биле одземени и дадени на вештачење потекнуваат од други кривични дела.