На лицата корисници на општествени станови им се дава можност да си ги откупат становите по поволни услови

До 31 март е последниот рок за граѓаните кои есе корисницина општествени станови да се изјаснат дали ќе извршат откуп на станот или ќе продолжат да плаќаат закуп. Во следниот месец ипол пред граѓаните кои имаат општествени станови ќе бидат презентирани можностите што им се нудат за да го откупат или да склучат договор за закуп за станот.

За таа цел вработените од Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор ќе ги посетуваат домовите на овие граѓани, а двосменски ќе работат и подрачните одделенија за да им се овозможи на корисниците да ги поднесат потребните документи.

„Се работи за околу 2.500 станови во три групи – општествени станови добиени во 90-тите години, станови за лица со ниски примања доделување од 2006 година и дивовселени станови, односно станови каде се вселени лица без соодветен акт“, изјави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески по средбата со директорот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор.

Тој ги повика корисниците на општествени станови, кои се околу 800 на број, да ги комплетираат документите бидејќи доколку истото не го сторат во законскиот рок, ќе го изгубат правото на откуп на станот.

„Доста долго време ги чекавме и го продолживме рокот до 31 март. Доколку и во овој рок не поднесат документи ќе го изгубат правото на откуп и ќе можат да склучат само договор за закуп“, рече Јанакиески.

Директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов најави дека ќе бидат отворени канцеларии кои ќе работат од 08:30 до 19 часот со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните.

„И во попладневните часови и за време на викендите ќе бидат посетени сите станари на кои ќе им биде поделено упатство во кое ќе видат кои се промените во Законот и во која група на граѓани спаѓаат за да може да ги соберат потребните документи“, рече Грозданов.
Измените на Законот за домување стапија на сила на 7 јануари, а барањата за откуп или закуп треба да се поднесат најдоцна до 31 март.

Според податоците на надлежните институции околу 954 се дивовселени станови од кои 25 веќе склучиле договор за купопродажба и 169 договор за закуп. Од становите за лица со ниски примања, во постапка се околу 700 барања.