Над 7 милиони евра отпишани долгови досега

Вкупно 427 милиони денари или над седум милиони евра е износот на досега еднократно отпишаните долгови. Реализирани се 4.670 барања од кои преку 90 проценти на лица приматели на социјална помош.

Како што изјави денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, најголем дел од долговите се сметки за струја – 407 милиони денари, радиодифузија – 5,1 милион, греење – 2,4 милиони, и долгови кон банки – 11,7 милиони денари.

„Досегашната реализација на проектот се одвива задоволително, постигнат е добар прогрес, сите барања што се стигнати до Комисијата се обработени со исклучок на 2.700 кои беа некомплетни и за кои е побарано од апликантите да ги докомплетираат“, истакна Ставрески.

Проектот, додаде, е многу сложен, има обемна документација што треба да се провери, особено бидејќи некои предмети на должниците не се совпаѓаат со оние на доверителите и затоа најверојатно ќе трае неколку месеци.

„За сите барања се постапува многу винамтелно. Настојуваме да опфатени што е можно поголем број граѓани, да им помогнеме на сите со оглед дека се работи за лица кои се во исклучително тешка финансиска состојба“, посочи Ставрески.

Долгови им се отпишани на граѓани од сите делови на Македонија, Прилеп, Шуто Оризари, Куманово, Гостивар, Струмица,…. Освен приматели на социјална помош на кои отпаѓа најголемиот процент, има и невработени, како и лица кои поради несреќи во семејството, не можеле да ги плаќаат долговите.

„Владата вложува максимален напор за да им помогне на најзагрозените граѓани. Досега за отпис на долгови се поднесени вкупно 41.765 барања, а за нивно решавање се формирани три комисии и посебна техничка служба,“ истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој информира дека најголем број од донесените одлуки, 895, и најголемиот износ на отпишан долг, 155,7 милиони денари, се од Скопје.

Одговорајќи на новинарски прашања, Ставрески рече дека одлуката на Европската централна банка нема да има директно влијание врз македонската економија. Мерката, како што истакна, е добра, во вистинска насока, ќе овозможи заживување на европската економија, нејзино извлекување од стагнацијата и дефлацијата.

„Мерката ќе даде соодветен резултат врз забрзувањето на растот на европската економија, а со тоа ќе има и позитивно влијание врз македонската економија бидејќи ќе имаме можност за поголем извоз и пласман на нашите производи на европските пазари“, напомена Ставрески.