Прес-конференција на Карате федерацијата пред Европското првенство за кадети и јуниори во Цирих

Денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес-конференција на Карате федерацијата на Македонија, пред патувањето во Цирих, Швајцарија на 42 Европско првенство за кадети, јуниори и постари јуниори. На средбата со медиумите говореа селекторот најуниорската репрзентација Арлинд Усеини, и селекторот на кадетите Александар Кузмановски. По успешно одржаните државно првенство и „плеј оф“ како и настапот на Балканското првенство во Софија, завршните подготовки се организираа во соработка со клупските тренери, а покрај техничко – тактичката подготовка, репрезентативците минаа и низ дополнителни тестови за проверка на физичката подготовка, како и работа со спортски психолог. Во тренажниот процес се работеше и со светските судии од Македонија поради примена на новите правила во ВКФ.

„Изминатите години редовно се навикнавме на освојување на медали од европските првенства. Минатата година од Лисабон се вративме со еден златен и два бронзени трофеи, но сега имаме смена на генерациите. Четирикратниот европски првак во помлади категории Берат Јакупи е веќе сениор, исто така и Поликсенија Јованоска која лани освои бронза во кати, а Мартин Стојменов кој исто така освои бронза ќе отсуствува поради повреда. Сепак, сите кои ќе патуваат поседуваат квалитет и затоа сметам дека одново ќе се радуваме на високи резултати. Иако е неблагодарно да се издвојува, според искуството најмногу очекувам од Симона Заборска, Сара Радичевска и од Емир Ќосовиќ, но ќе повторам дека од секој кој ќе настапи очекувам да го даде максимумот и да оствари добар резултат“. – изјави Арлинд Усеини, селекторот на јуниорите.

„Кадетите се најмлада возрасна категорија и добар дел од минатогодишниот тим сега е веќе во јуниорски води, па голем дел од тимот се дебитанти. Сепак, од она што го видовме и го одработивме на подготовките сум задоволен, затоа што се што беше зацртано го исполнивме. Немаме повреди, а имаме одлична компактна и стручна екипа, па верувам дека во Цирих ќе се презентираме во најдобро можно светло. Уште еднаш да изразам благодарност до АМС која секогаш има отворени врати за нашите спортисти, што е дополнителен мотив да се избориме за високи резултати и да ја продолжиме традицијата на освојување на медали“. – изјави Александар Кузмановски, селектор на кадетската репрезентација.

На прес конференцијата беа за првпат претставени националните тренерки со новиот дизајн испишани со уставното име на Република Македонија. Во Швајцарија експедицијата заминува во раните утрински часови, а ЕП ќе се одржи од 6 – 8 февруари во „Saalsporthalle“ арената. Се очекува да настапат каратисти од 45 земји, а Македонија ќе ја презентираат вкупно 35 натпреварувачи.Во делегацијата се уште 8 официјални лица, покрај селекторите и нивните помошници, тука е и лекар, европски судија и шефот на делегацијата Дејан Чолески, член на ИО на КФМ. ЕП во Цирих за кадети и јуниори ќе биде голем мотив за докажување на младите македонски каратисти, особено што таму пред 4 години Наташа Илиевска го освои првиот златен континентален медал.

Тоа воедно е прво големо натпреварување во 2015 година, во која најзначајните натпревари се Европско првенство за сениори во март во Истанбул, Светското првенство за помлади категории во ноември во Џакарта, и секако за првпат во историјата – Европските олимписки игри во Баку, од 12 – 26 јуни.