Состојбата во Македонија по обилните врнежи од дожд

Битолски регион Во текот на вчерашниот ден заради превентива од поголеми поплавувања и нанесувања по обемни матријални штети во општина Новаци, од страна на Координативното тело при Влада на РМ е донесена одлука за отварање пропуст на Регионалниот пат Битола-Новаци-РЕК-Мариово. Пропустот е направен после мостот пред село Новаци, во попладневните часови. Вработените во РЕК Битола и жителите кои гравитираат во тој дел ќе ги користат алтернативните заобиколни патни правци. По 17:00 часот, над отворот на патот пред с.Новаци било поставена челечна конструкција – мост за премин на пешаци. Исто така, беше интервенирано на повеќе места во атарот на с. Оптичари на логоварски канал место викано тумба, како и напори на корекција на регионален пат Новаци – Добрушево – Тополчани. ТППЕ- Битола со пумпи вршеше испумпување на вода од с.Могила и с.Вашарејца. За моторни возила се користи алтернативниот правец Новаци – Дедебалци – Добрушево – Тополчани.

Во општина Демир Хисар поплавени се земјоделски површини на потегот од Единаковци до Бучин и имаше минамлно повлекување на водата од поплавените површини.

Во текот на вчерашниот ден во Прилепско, поставени се 3000 вреќи со песок на Црна Река воТополчани. Претходно со механизација се појачани насипите во Чепигово, Тројкрси и Загорани. Градежната механизација исто така е ангажирана по течението на градска река-Прилеп за отстранување на препреки по истата. Јавното комунално Претприатие „Водовод и Канализација“-Прилеп врши снабдување со вода за пиење во н.м Чепигово, Тројкрсти, Тополчани. Во населените места Славеј, Кривогаштани, Крушеани и Боротино се работи во чистење на канали и појачување на насипите, додека во Бела Црква и Воѓани се следи состојбата на течението на Црна Река. Во координација со ЦЈЗ-Прилеп во Крушеани е забрането е користење на водата за пиење од бунарите.

Струмички регион Во текот на вчерашниот ден од страна на Црвен Крст Струмица било дистрибуирано флаширана вода до Затвор Струмица и Дневен центар за лица со посебни потреби – Струмица. Саниран е дефектот на главниот цевковод од брана Турија, и се очекува градот и населените места да добијат вода за пиење. На подрачјето на општина Гевгелија, р.Вардар има поплавено поголем дел на земјоделски површини околу течението на реката Вардар до населените места: Миравци, Мрзенци, Ѓавото и Богородица.

Во општина Валандово продолжува излевањето на р.Вардар, иако нивото стагнира и е во благо опаѓање, Сообраќајот кај клучката Марвинци – Гевгелија е пуштен само во правец Гевгелија – Марвинци а правецот Марвинци – Гевгелија не е пуштен поради водата на патот на подвозникот по кој и се одвива сообраќајот на тој патен правец.

Во општина Радовиш поради ерозирано земјиште и отсечен асфалт во прекин е патниот правец с.Смиланци – с.Подареш. Штипски регион Во општина Кочани, во текот на вчерашниот ден околу 18:00 часот, патниот правец помеѓу селата: Оризари и Прибачево е пуштен за сообраќај за лесни моторни возила.

Општина Виница известува дека во с.Истибања, поради поплавување на резервоарот за снабдување со вода, дошло до загадување на водата и има забрана за пиење, истата може да се користи само како техничка вода. Во с.Калиманци, во маала Драка, дошло до поплавување на резервоарот за вода од водоводниот систем во оваа населба заради што водата е заматена и не е за пиење. Во с.Пеклани, поради поплавеност на резервоарот од водоводниот систем во оваа населба дошло до заматување и загадување на водата, истата не за пиење и може да се користи само како техничка вода. Во сите три населби населението со вода за пиење се снабдува од цистерни кои ги обезбедиле од ЈП Солидарност Виница. Во с.Лаки помал дел од населението е без вода од селскиот водовод. поради однесени водоводни цевки од Лакичка река. Населението се снабдува со вода од делот во селото каде што има вода во системот, Сите локални и регионални патишта во опш.Виница се проодни за сообракај. На патниот правец Виница – Берово, каде дел од патот е оштетен, сообраќајот се одвива по една коловозна лента.

Во општина Пробиштип, поради свлечиште и понатаму е во прекин сообраќајот за сите видови моторни возила на патниот правец Киселица – Злетово, а возилата се пренасочуваат кон Киселица – Пробиштип – Леговец – Злетово.

Во општина Штип, локалните патишта од с.Лакавица до брана Мантово и од с.Лесковица до селата: Суво Грло, Степанци и Пухче се непроодни. Во градот Штип се уште има забрана за пиење на водата од градскиот водовод. ЈП Исар во текот на целиот ден врши снабдување на граѓаните со вода со цистерни. Во селата: Лакавица, Балталија и Софилари бунарите од водоводот се поплавени. Во овие села вода се носи со цистерни.