Меѓународен Самит во Вашингтон – Изнаоѓањето на ефективни средства и методи за превенција на сите екстремизми кои водат кон тероризам

Доцна синоќа, на првиот ден од „Самитот на Белата Куќа за борба против насилниот екстремизам”, кој се одржува во периодот од 18-20 февруари 2015 година во Вашингтон, САД, делегацијата од Министерството за внатрешни работи предводена од министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска, во просториите на Стејт Департментот оствари работна средба со Џим Волш, Заменик Асистент Секретар на Меѓународното Биро за наркотици и спроведување на законот и со Ричард Милер – Директор на ИЦИТАП програмата. На средбата беше дискутирано за досегашната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, реализирана преку овие програми, при што од двете страни беше констатирано дека истата се одвива континуирано, на високо ниво, при што беше посочено дека поддршката за МВР ќе продолжи и во иднина во областите кои се од особен интерес на министерството за внатрешни работи.

Министерката Јанкулоска учествуваше и на Министерскиот состанок за “0размена на информации при справување со странските терористички борци” (Foreign Terrorist Fighters). На состанокот, кој го отвори и водеше Државниот Секретар на САД, Џон Кери, свое обраќање имаше и министерката Јанкулоска која истакна дека за соодветен одговор во борбата против “странските терористички борци”, покрај вклучување на сите земји на регионално и меѓународно ниво, потребно е вклучување и на невладиниот сектор, верските и религиозните заедници, како и сите останати организации и агенции кои се засегнати од оваа проблематика. Министерката Јанкулоска посочи дека покрај тоа што во континуитет се следи и работи на спречување на лица да заминат во кризните подрачја како евентуални странски терористички борци, еден од начините за справување со оваа појава е и редовната и брза размена на информации меѓу експертите, преземањето заеднички акции, како и изнаоѓањето на ефективни средства и методи за превенција на сите екстремизми кои водат кон тероризам.

Во текот на денешниот ден ќе се одржи централниот настан на Самитот на кој ќе учествуваат претставници на повеќе од 60 земји во светот. Предвидено е настанот да го отвори Претседателот на Соединетите Американски Држави г-дин Барак Обама, а во четвртата сесија министерката Јанкулоска ќе има свое обраќање на тема “Зацврстување на работата на полицијата во заедница и односот меѓу безбедносните служби и заедницата како елемент во спречувањето и борбата против ширење на насилен екстремизам”.