„Гентерм“ ќе инвестира 20 милиони евра и ќе вработи 2.000 лица

Околу 2.000 нови вработувања најавува американската компанија „Гентерм“ која ги потпиша договорите за реализирање на планираната инвестиција во економската зона Прилеп, вредна 20 милиони евра.

Како што соопшти директорот на компанијата Јорк Еверс, во првата фаза е предвидена изградба на објект од 6,5 илјади метри квадратни и вработување на илјада лица.

Фабриката треба да профункционира од октомври годинава. Ќе се произведуваат клима уреди и појаси за автомобили, а пласманот ќе се реализира на европскиот пазар кај купувачи како бентли, рено, бмв, порше, фиат…

„Достапноста на едуцираната работна сила и одличните инвестициски можности беа причините поради кои ја одбравме Македонија. Во игра беа вкупно пет земји од Југоисточна Европа, но по деталните анализи констатиравме дека Македонија е најдобриот избор“, нагласи Еверс.

Според него, за Гентерм вложувањето во земјава е голем чекор што ќе им овозможи проширување на бизнисот во Европа.

Согласно проекциите американската компанија ќе гради фабрика со вкупна површина од 21.000 метри квадратни. Паралелно со активностите околу изградбата што треба да стартуваат идната недела, се подготвува и зоната во Прилеп.

„Во тек е изборот на менаџерскиот тим и на лицата кои ќе се вработат, а многу скоро ќе почнат и обуките во фабриката на Гентерм во Украина,“ информира директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Гентерм е глобална, брзорастечка компанија која произведува електроуреди за регулирање на термална енергија во автомобилите. Брои вкупно 9.000 вработени во капацитетите во САД и Украина, а годишно од продажбата реализира 800 милиони долари. Погонот што ќе се отвора во Прилеп, според најавите, ќе биде современ, со најмодерна технологија.