Средба на министерот за одбрана со штабните офицери на АРМ кои заминуваат во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан

Министерот за одбрана Зоран Јолевски и заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини остварија средба со шесте штабни офицери на АРМ кои заминуваат во мисијата ,,Одлучна поддршка“ во Авганистан, а ќе бидат распоредени во Мазар е Шариф во рамките на командата Север.

Министерот Јолевски посакувајќи им успешна и безбедна работа, на штабните офицери им порача дека со учеството во новата мисија на НАТО во Авганистан, Република Македонија ја искажува силната заложба за полноправно членство во алијансата. Изразувајќи цврсто убедување дека штабните офицери на АРМ достојно ќе ја претставуваат Република Македонија, министерот за одбрана изрази подготвеност за секаков вид на поддршка кон нив од страна на министерството и Генералштабот на АРМ.

За време на средбата, министерот Јолевски беше запознаен со работата и задачите на штабните офицери во рамките на командата Север од мисијата ,,Одлучна поддршка“.

Штабните офицери на АРМ во наредните шест месеци ќе извршуваат задачи на високи должности во рамките на командата Север во Мазар е Шариф, Авганистан, која е во надлежност на Германскиот Бундесвер.

На крајот од Декември 2014 година, Република Македонија го започна учеството во мисијата ,,Одлучна поддршка“ со тринаесет штабни офицери на АРМ, кои се распоредени во командата Кабул и дваесет припадници како дел од единицата за обезбедување на главната команда на мисијата.

5 2 1