Билатерални средби во рамки на учеството на Сегментот на високо ниво на Советот за човекови права на ОН

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во рамки на Сегментот на високо ниво на Советот за човекови права на ОН се сретна со претседавачот на Советот г. Јоаким Рукер.

На средбата претседателот Иванов, ги поздрави неговите напори за зголемување на ефикасноста на работата на Советот за човекови права, кои се дел и од заложбите на Република Македонија при поднесувањето на кандидатурата за ова тело. Македонскиот претседател ја поздрави и иницијативата на г. Рукер за подобрување на координацијата на релациите помеѓу сродните тела на ОН во Њујорк и во Женева.

Претседателот на Советот за човекови права на ОН, изрази задоволство од учеството и обраќањето на претседателот Иванов во неговата работа, што, како што посочи, е особена чест за него како претседател на овој Совет. На интерес на г. Рукер, претседателот Иванов го запозна соговорникот и со севкупните состојби во Македонија и регионот.

Македонскиот претседател денеска во Женева имаше средба и со високиот комесар за човекови права на ОН, г. Зеид Раад Ал Хусеин, на која нагласи дека Република Македонија игра активна улога и дава суштински придонес во работата и натамошното профилирање на Советот како заштитник и промотор на универзалните човекови права во светот.

„Република Македонија останува цврсто определена за натамошна промоција на највисоките стандарди за човековите права на меѓународно ниво и ќе соработува со земјите-членки на Советот во отворена и конструктивна атмосфера, со цел исполнување на целите и приоритетите”, истакна македонскиот претседател.

Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија негува највисоки стандарди во заштитата на човековите права и правата на заедниците оценувајќи дека таа е најпозитивниот пример во регионот со својот модел на почитување на различностите, односно интеграција без асимилација.

Македонскиот претседател го запозна соговорникот и со фактот дека Република Македонија го иницираше дијалогот на цивилизациите во 2003 година и активно е вклучена, а со неодамнешното назначување на советникот за надворешна политика од кабинетот на македонскиот претседател за пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите во ОН, ќе го зајакне учеството во оваа организација.

Претседателот Иванов го покани г. Ал Хусеин да ја посети Република Македонија и да учествува на Школата за млади лидери која по шести пат треба да се одржи во август во Охрид.

Високиот комесар за човекови права на ОН, г. Ал Хусеин, изрази благодарност за поддршката што македонскиот претседател му ја дава, запознавајќи го со предизвиците со кои се соочува во спроведувањето на активностите.

„Високо ја ценам вашата одлука да учествувате на Советот за човекови права, тоа е потврда на вниманието кое лично вие и вашата земја ја посветувате на прашањата поврзани со човековите права”, истакна г. Ал Хусеин.

Македонскиот претседател денеска се сретна и со генералниот директор на ОН во Женева, г. Мајкл Молер, со кого разговараа за работата на ОН, за надворешно политичките приоритети на Македонија, како и за предизвиците со кои се соочува во нивното исполнување.

На средбата г. Молер го запозна претседателот Иванов со активностите на Канцеларијата во Женева поврзани со човековите права, разоружувањето, намалувањето на ризиците од природни катастрофи.

Соговорниците на средбата разменија мислења и информации за надворешно политичките приоритети на Република Македонија за предизвиците со кои се соочува земјата во контекст на нивното исполнување, а во таа насока стана збор и за состојбата во процесот за надминување на разликата околу името што се води под покровителство на ОН.

„Република Македонија предолго е блокирана во евроатлантските интеграции, што создава тензии во политичкиот живот и меѓуетничките состојби во земјата”, посочи претседателот Иванов и додаде дека интеграцијата во ЕУ и НАТО има и голема мотивирачка реформска моќ, но исто така и голема кохезивна моќ во мултиетничката демократија.

Македонскиот претседател изрази надеж дека со новото раководство кај нашиот јужен сосед ќе се воспостави политички дијалог, кој ќе придонесе за подобро разбирање и надминување на билатералните разлики.

Во рамки на учеството на Сегментот на високо ниво на Советот за човекови права на ОН, претседателот Иванов оствари средба и со генералниот директор на Меѓународната организација за миграција, г. Вилијам Лејси Свинг. На средбата претседателот Иванов ја поздрави исклучително активната и значајна работа на IOM и г. Свинг, во заштитата на правата на мигрантите, и изрази поддршка за улогата на IOM како клучна и единствена специјализирана Организација во овој домен на меѓународно ниво.

Република Македонија, истакна претседателот Иванов, ја споделува загриженоста за зголемениот тренд на жртви мигранти во последниот период, и ја изрази подготвеноста на земјата да се вклучи во неговата иницијатива за посебна студија на ова прашање.

Генералниот директор на Меѓународната организација за миграција, истакна дека по полноправното членство на Република Македонија во IOM од 2014 година, очекува проширување на соработката, и изрази подготвеност за натамошна поддршка за Република Македонија, преку проекти поврзани со предизвиците на новите миграциски трендови.