Македонски железници доби 107 нови товарни вагони

Возниот парк на Македонски железници е збогатен за нови 107 товарни вагони кои денеска беа промовирани во Скопје. До крајот на месецот се очекува да бидат испорачани и останатите 43 вагони од словачката „ЖОС Трнава“ со што ќе се заокружи набавката во висина од 13,2 милиони евра.

Премиерот Никола Груевски, кој заедно со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, присуствуваа на прмоцијата, истакна дека набавката на овие вагони е дел од стратегијата на Владата за целосна санација и ревитализација на македонскиот железнички систем.

„Ако нашиот граѓанин се подразмисли кога последен пат во Македонија се купиле и ставиле во функција нови возови, односно нови транспортни вагони… најверојатно нема да бидат многумина кои би се сетиле на таков настан. Тоа е резултат на начинот на кој беше третирана железницата и железничкиот сообраќај во поновата историја на Македонија“, рече Груевски.

Тој нагласи дека во јули треба да пристигнат и првите од шесте гарнитури на патнички возови кои чинат околу 25 милиони евра.

„Покрај нови возови, Македонија ќе добие и нови железнички станици. Реконструкцијата на железничката станица во Скопје е во тек и очекуваме да заврши ова лето. Покрај скопската железничка станица ќе се работи и на модернизација на железничките станици во Велес, Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино“, рече Груевски.

Тој посочи дека минатата година е започната и изградбата на железничката пруга кон Бугарија, а активно се работи и на проширување на железничката мрежа кон Албанија.

Вицепремиерот и министер за финансии Ставрески нагласи дека набавката на новите товарни вагони произлегла од барањата на бизнисмените.

„Купувањето на нови товарни вагони беше едно од барањата на бизнис заедницата и ова е потврда како Владата работи со бизнисмените во текот на овие девет години. Секогаш кога има аргументирано барање, ние наоѓаме средства и начин тоа да го вклопиме во буџетите и да го реализираме и да и излеземе во пресрет на бизнис заедницата“, истакна Ставрески.

Тој додаде дека инвестицискиот циклус во железницата во моментот изнесува 281 милион евра од кои 145 милиони евра е втората фаза од реконструкцијата на пругата кон Бугарија, а 50 милиони се за набавка на новите вагони. Покрај тоа, со ИПА средства се врши и изградбата на реконструкцијата од Битола до Кременица и реконструкцијата на железничката станица во Скопје и другите железнички станици.

„Се работи за сериозен инвестициски циклус во кој никогаш претходно немало издвоено средства. Сето ова создава поконкурентна економија затоа што со вакви вагони, со современ превоз и подобри пруги ќе ги намалиме трошоците за македонските компании и ќе овозможиме да се зголеми транспортот на стока и патници“, рече Ставрески.

Според министерот за транспорт, со оваа нова инвестиција Македонски железници ќе се етаблира и на меѓународниот пазар како компанија која е подготвена да понуди брз и сигурен транспорт.

„Македонски железници транспорт денеска ја пишува новата историја на компанијата. По неколку децении првпат оваа компанија го обновува возниот парк. Во насока на модернизација и поголема конкуренција на пазарот, успеавме да набавиме 150 товарни вагони,“ рече Јанакиески.