Нови наслови од едицијата „Македонски искушенија“

Три нови наслови од едицијата „Македонски искушенија“ промовираше денеска Министерството за култура – нови три тома од шесттомната публикација „Македонија до 19 век“ и книгите „Цар Самоил“ и „Букурешкиот мировен договор – 1913 година“. Автори се професори, историчари и проучувачи на македонската историја од различни генерации.

Целта на овој проект на Владата е со научно верификувани факти и аргументи да се толкува долгата историја на македонската борба за државност и самостојност. Врз основа на овие историски текстови се снимени и документарни филмови кои се прикажуваат на Македонската радиотелевизија.

Премиерот Никола Груевски истакна дека со овие изданија се расветлуваат личности и настани од македонската историја за кои не се знаело или биле маргинално обработувани и дека квалитетно се исполнува празнина во македонската пишана историја.

„За жал, македонската историја секогаш ја пишуваше некој друг и никогаш не беше вистинито и детално разработувана. За сметка на тоа, во нашите домови и библиотеки беа застапени историски дела кои се однесуваа на истории на некои други држави, некои претходни системи и идеологии… Многу малку беше разработувана нашата богата историја, нашите историски великани и подвизите кои биле карактеристични на овие простори. Се што беше со предзнак македонско беше тргнато настрана… да го нема или да го има многу ретко. За среќа, времињата се променија“..., рече Груевски.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи дека проектот „Македонски искушенија“ е сведоштво за идните генерации, документ од кој, како што рече, младите и во иднина ќе може да црпат чувство на припадност и идентитет.

„Да се познава сопствената историја значи да се биде свесен за процесите на индивидуалното и колективното зреење на генерациите кои се раѓале, растеле и умирале на македонската раскрсница на цивилизациите. Генерациите пред нас се паметат по трагата што ја оставиле зад себе. Тие ќе живеат толку, колку што нашето општество ќе дозволи да се откриваат, споменуваат и запишуваат овие монументални траги на минатите векови,“ рече Канческа-Милевска.

Зборувајќи за едицијата „Македонски искушенија“, нејзиниот главен и одговорен уредник Раде Силјан рече дека таа е хронолошки пресек на историските процеси и за премрежињата на македонските револуционери и дејци кои се бореле и гинеле за Македонија.

„Благодарение на научните истражувања, анализи и согледби, ние денес можеме да создадеме една реална слика за долговековниот од по маките на нашите предци, но и за заблудите и предавствата на многумина во пресудни времиња… Со јазикот на фактите, нашите историчари од сите генерации презентираат широка слика за македонските историски премрежиња од антиката до денес“, рече Силјан.

Промоторот Владо Поповски, кој е и еден од авторите на книгите во едицијата, зборуваше и за прашањето на идентитетот. Рече дека тој не е даден биолошки, со чинот на раѓањето, туку е историска категорија која, како што рече, не замрзнува во една епоха, туку е динамична и носи противречности.

Во таа смисла, правото на овој народ на повикувањето на античка Македонија е историски нормално и оправдано. Ние се наоѓаме на дел од историската територија на античка Македонија, имаме културно-историско наследство на таа држава и сме инспирирани од филозофијата и концептите на античката Македонија… Новото време почна во 1991 година и се повеќе ќе стануваме свесни дека станува збор за една темелна, комплетна реконструкција на системот на сфаќањата на културата“, рече Поповски.

Промоцијата на новите наслови му беше посветена на директорот на Државниот архив на Република Македонија Зоран Тодоровски, еден од авторите на овие книги, кој почина денеска ненадејно. Груевски и Канческа-Милевска истакнаа дека е непроценлив неговиот влог во расветлувањето на низа клучни моменти од македонската историја.