Оглас за Програмата за практикантство, ќе учествуваат нови 1000 лица

Нови 1.000 млади лица годинава може да стекнат пракса во компаниите кои ќе се пријават за учество во Програмата за практикантство, а со тоа да добијат и можност за вработување. Програмата ја спроведува Агенцијата за вработување од 2009 година, а досега од потпишани 1.400 договори вкупно се вработени 1.070 лица. Учествуваат компании од разни сектори, но најчесто од услужниот, производство, правни и сметководствени бироа.

„Во тек е нова постапка, односно веќе е распишан оглас за сите приватни компании што сакаат и имаат можност да учествуваат во Програмата за практикантство. Ова е одлична можност за невработените млади лица, за оние кои имаат завршено средно и високо образование да се стекнат со практична работа и со искуство во реални услови кај приватните компании. Исто така, да даваат се од себе, да го покажат својот максимум и побрзо и полесно да се стекнат со работен однос. Истовремено оваа мерка за практикантство претставува одлична можност за приватните компании да најдат соодветен кадар, да ги обучат практикантите и сите оние кои ќе покажат интерес и ќе се покажат во работата како амбициозни млади луѓе потоа да се вработат“, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов при денешната посета на компанијата Винер осигурување, која, како што рече, е успешен пример во оваа програма преку која се вработени 30 проценти од вработените во компанијата.

Осигурителната компанија во оваа програма е вклучена пет години и досега има ангажирано повеќе од 70 лица.

„Винер осигурување е компанија која има исклучително добри резултати кои се базираат на исклучително успешната програма за практиканти. Една третина од нашите вработени се дел од таа програма. На младите, способните и скромните вредни луѓе им понудивме можност, а со нашата добро дизајнирана програма за обука и развој им овозможивме и трајно работно место“, истакна генералниот директор на Винер осигурување Зоран Нарашанов.

Тој најави дека компанијата ќе продолжи да учествува во Програмата за практикантство, како и во останати програми кои ќе им овозможат уште подобар квалитет на човечките ресурси и подобри услуги и резултати.

За годинава се одвоени 18.600.000 денари. Компаниите кои се заинтересирани да учествуваат може да се пријават на неколкуте огласи што ќе бидат објавени, а со цел да се реализира бројката од вкупно илјада практиканти.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Попоски порача и до младите и до компаниите да изразат интерес за учество во програмата и оти Агенцијата ќе направи спојување на тие две групи, а оти на 20 дена ќе се прави пресек на поднесените барања и ќе склучува договори.

„Се надевам дека и оваа година ќе биде успешна. Ќе го исполниме максимално бројот од илјада лица и во наредната година ќе бараме дополнителни средства за поголем опфат на млади кои ќе сакаат да бидат практиканти, а воедно по тоа и вработени во оние практиканти каде што ќе практицираат“, рече Попоски.

И директорката на Центар за вработување во Скопје Слободанка Алексоска ги охрабри младите да се пријават, но и компаниите кои досега не учествувале во оваа мерка преку која може да најдат солидни кандидати кои во рок до три месеци колку што трае обуката да се вклопат во работното место.

Во програмата учествуваат компании од разни профили, а најчесто од осигурителните и здравствените услуги, производство, правни и сметководствени бироа. Стартуваше во 2010 година во Скопје, а од 2011 на целата територија. Обезбедува тримесечна практична работа на невработените млади лица со завршено и високо образование при што Агенцијата за вработување финансира 6.200 денари месечно со платен персонален данок и осигурување при повреда при работа, со тоа што компаниите немаат никаква обврска во однос на задржување на одреден број од практикантите.