Почна едногодишната обука на кандидатите за идни полициски службеници

Министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска денес, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Митко Чавков, во Центарот за обука во Идризово присуствуваше на почетокот на обуката на четиристотините кандидати за идни полициски службеници коишто во наредните 12 месеци ќе се обучуваат во Центарот за обука.

Како што МВР веќе информираше овие кандидати се селектирани по конкурсот за прием на полициски службеници што беше распишан на крајот на октомври минатата година на кој се пријавија вкупно 3.273 кандидати. По ригорозната селекција која се одвиваше во неколку фази – административна проверка; проверка на моторички способности; психолошки тест; писмено тестирање (општо-образовен тест и изработка на есеј); и здравствени прегледи – беа избрани 440 кандидати од кои 348 мажи и 92 жени (Согласно Законот за внатрешни работи, на основна обука за полицаец упатени се за 10 % поголем број на лица сметано од вкупниот број на лица за кои е утврдена потребата да се склучи договор за вработување во Министеството).

Во наредните 12 месеци во рамки на трите модули за обука во трење од по четири месеци ќе се направи дополнителна селекција до бараниот број на нови полициски службеници согласно јавниот оглас. Првиот модул се состои од пет тематски дела: учење како се учи (безбедна средина за учење, заедничко живеење и др.); сервисна ориентираност (Устав и политички систем); Полициска етика; Полициско работење и Заштита на јавниот ред и мир. Во вториот модул кандидатите ќе се обучуваат на темите: Заштита на животот и имотот; Обезбедување. А во третиот модула обуката е посветена на Полициско тактичка теренска обука; Сообраќај; Справување со собраќајна незгода; Гранична контрола и Гранична проверка. Инаку во рамки на секој од модулите е предвидено по еден месец кандидатите да имаат практична обука во соодветни опрганизациони единици на МВР.

Инаку ова е трет конкурс за прием на полициски службеници во МВР во последните три години при што во 2012 година беа примени 300 полициско службеници, во 2013 година – 400, и согласно последниот конкурс од 2014 година уште четиристотини полициски службеници или вкупно 1.100 нови полициски службеници.

download