Потпишан Договор за социјално осигурување меѓу Македонија и Албанија

Министерот за труд и социјална политика на Република Македонија Диме Спасов и министерот за социјална сигурност и млади Ерион Велиај денеска потпишаа Договор за социјално осигурување меѓу двете земји, со кој треба да се регулираат односите во областа на социјалното осигурување и остварувањето на правата од осигурување за граѓаните и членовите на нивните семејства.

Договорот содржи одредби за права од пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување, осигурување во случај на повреда на работа и професионална болест.

„Преку примената на Договорот ќе се овозможи усогласување на националните законодавства, еднаков третман на лицата на кои се применува договорот, здравствена заштита, болест и мајчинство, упатување на лекување, собирање на периодите на осигурување, парични давања… Договорот ќе се применува за сите лица кои во Македонија или Албанија навршиле периоди на осигурување за остварување на право на самостојна старосна пензија кога лицето ги исполнува условите за право на давање пензија според законодавството на една од двете држави“, појасни министерот Спасов.

Додаде дека овој Договор има и супсидијарна примена, бидејќи, како што рече, се уредува и право на сразмерно давање пензија со собирање на периодите на осигурување и периодите на живеење во текот на работниот век, кога подносителот на барањето не исполнува услови за самостојно давање според прописите на една од двете држави кои го потпишале Договорот.

Министерот за труд и соцјална политика информира дека со него се уредени одредби со кои се обезбедуваат работодавачите и работниците од двете земји да не се должни да плаќаат двојно осигурување според законодавството на двете земји по однос на истата работа што ја врши работникот, како и дека се уредени правилата на осигурување на определени исклучоци како што се испраќање работници за вршење работи од една во друга држава, продолжување на деташманот, работа, меѓународен транспорт….

Спасов смета дека со потпишување на овој Договор, кој е од редот на таканаречените отворени договори бидејќи се однесува на лица, а не само на државјани на двете земји, ќе се овозможи еднаков и целосен пристап до социјална сигурност во сите области од секојдневниот живот.

„За нас односите со Република Албанија како блиска и соседна земја се од високо значење. Цврсто верувам дека со потпишувањето на договорот тие повеќе ќе се зајакнуваат при што ни претстојат уште многу заеднички иницијативи во духот на европската соработка. Се надевам дека соработката ќе се унапредува и во сите други области кои се во наша надлежност, а ќе придонесат за благосостојбата и подобар квалитет на живот на граѓаните“, рече Спасов.

Албанскиот министер за социјална сигурност и млади Велиај смета дека со потпишувањето на ваков тип на договори се постигнува добра соработка и меѓусебна интеграција на двете земји што, како што потенцира по потпишувањето на договорот, ќе го олесни патот на европските интеграции во кои, како што рече, и двете земји веруваат.

Тој е уверен дека Договорот не е само симболичен акт, туку Договор кој ќе влијае на лицата кои живеат во двете земји и кој во голем дел ќе им го подобри животот.

Според него, со Договорот ќе бидат опфатени околу 300 илјади граѓани на кои, како што посочи, ќе им се подобри здравственото и пензиското осигурување. Дел од нив, рече, се припадници на албанската заедница во Македонија и на македонската заедница во Албанија. Ваквите договори, како што истакна Велиај, се показател дека и двете земји се грижат за своите граѓани и дека во таа грижа се вклучени и Албанците кои живеат во Македонија и Македонците кои живеат во Албанија.

„Очекувам наскоро да се видат првите резултати на овој Договор кај лицата на кои се однесува. Се надевам дека наскоро ќе има и средба во Тирана на која ќе разговараме за ослободување на пазарот на трудот за граѓаните на нашите две земји“, рече Велиај.

Досега Македонија вакви договори има склучено со Австрија, Швајцарија, Германија, Чешка, Полска, Луксембург, Белгија, Холандија, Романија,Словенија, Хрватска, БиХ, Србија, Бугарија,Турција, Црна Гора, Австралија, Канада, Италија, Унгарија, Словачка.