Тодоров: Објавен најголемиот тендер за набавка на 606 лекови за потребите на ЈЗУ

Министерството за здравство го објави веројатно најголемиот тендер досега за набавка на 606 лекови за потребите на јавните здравствени установи во државата. Набавката е објавена веќе на електронскиот систем за јавни набавки, како и со меѓународна објава во официјалното списание за јавни набавки на ЕУ.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека идејата е да има што е можно поголема конкуренција и во една транспарентна постапка да се заврши една од најголемите набавки спроведени досега со 606 делови, односно секој еден лек е посебен лот на набавката.

Кога неодамна ја објавивме набавката, посочи тој, Министерството ја отпочна постапката за набавка, а сега веќе се завршени сите процедури до нејзина објава односно завршен е техничкиот дијалог и добиена е согласност од Советот за јавни набавки по што ќе следи и прибирање на понуди, нивно јавно отворање, евалуација и електронска аукција која ќе трае веројатно 40 дена по што ќе следи избор на најповолен понудувач, односно понудувачи.

„Набавката поаѓа од најниска цена постигната во секоја јавна здравствена установа. Ги анализиравме цените на сите овие 606 лекови во сите ЈЗУ во државата и констатиравме дека во различни ЗУ цената на истите лекови е различна. Што значи дека во една ЈЗУ еден ист лек се набавувал поевтино во друга поскапо. Во голема мерка тоа зависи од количината. Како резултат на тоа се одлучивме да направиме централна набавка, да направиме единствена набавка за сите лекови за сите ЈЗУ“, нагласи Тодоров.

Појасни дека како резултат на тоа бенефитот ќе биде да се постигне најниската цена што е досега постигната на пазарот во Република Македонија за еден конкретен лек и таа да важи за сите ЈЗУ за тој лек, што ќе резултира со сериозни заштеди во системот. Доколку и никој не ја намали цената на електронска аукција тоа значи цените да останат идентични со првично понудените цени, укажа Тодоров, заштедата е проектирана на околу три милиони евра, која очекуваме да се прераспредели за други намени.

„Со претходниот ваков централен тендер кој го спроведовме на двата најфреквентни и двата најскапи лекови во здравствените установи направивме заштеда од околу шест милиони евра што резултираше со зголемување на платите за 25 проценти на докторите специјалисти вработени на терциерно ниво, имајќи предвид дека најголемиот дел од заштедата беше направено во скопските клиники“, рече Тодоров.

Очекува дека по завршувањето на оваа тендереска процедура ќе можат да обзнанат колкава е заштедата и потоа како ќе бидат прераспределени тие средства односно за што ќе бидат пренаменети во здравствениот систем.

„Да потсетам дека од заштедите од инсулинот кои ги направивме, тоа беа околу 3,5 милиони евра беше одлучено да се направи реновирање на клиничката болница во Битола, Општата болница во Прилеп, да се направи Ургентен центар во Куманово, да се набави опрема во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ и да се набават шест мамографи за шест здравствени установи во Република Македонија. Сите овие постапки се веќе започнати“, додаде министерот Тодоров.