Потпишан Меморандум за разбирање меѓу македонското и австриското МВР

На маргините од министерската Конференција што денес се одржа во Виена посветена на зедничката борба против џихадизмот, министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска имаше билатерална средба со австриската федерална министерка за внатрешни работи Џоана Микл-Лајтнер на којашто, меѓу другото беше потпишан и Меморандумот за разбирање меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји за соработка во делот на превенцијата и борбата против корупцијата. Документ со чијашто помош преку ефективна и ефикасна размена на информации и искуства ќе се овозможи полесно справување со овој вид криминал.

Согласно Меморандумот двете институции ќе можат во иднина да соработуваат во повеќе области што го третираат овој сложен облик на криминал почнувајќи од меѓусебно обезбедување на информации кои се релевантни за прелиминарно утврдување на факти, поткрепување и спречување на корупција; размена и споделување на информации кои се обезбедени на законски начин; идентификување или лоцирање на лице (или лица; вршење кооординирани активности за утврдување на факти; разменување ефективни истражни техники и најдобри пракси за собирање информации и разузнавачки операции заради откривање на кривични дела поврзани со корупција; учество на состаноци, конференции, семинари и работилници кои имаат за цел зацврстување на иследувачкиот капацитет на службениците за спроведување на законот и друго.

Инаку Јанкулоска и Микл-Лајнтер на средбата констатираа дека досегашната соработка меѓу двете министерства е во нагорна линија, за што сведочат досегашните заеднички успешни активности на двете полиции и дека потпишувањето на Меморандумот за разбирање ќе претставува нов импулс во натамошното интензивирање и продлабочување на соработката.