Албанскиот и Турскиот театар на фестивал во Бурса

Во рамките на фестивалот, Албанскиот театар пред турската публика, ќе ја изведе претставата „Предавање“ од Мартин Мек Донах во режија на Ќендрим Ријани. Во претставата која претставува приказ на четири човечки драми од обичното секојдневие ќе настапат Адем Карага, Џевдет Јашари, Амернис Нокшиќи и Луран Ахмети.

Турскиот театар, пак, на фестивалот во Бурса ќе ја изведе претставата „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, во режија на Александар Поповски. Сценограф на претставата е Свен Јонке, костимограф Јелена Проковиќ, а музиката е на Кирил Џајковски. Улогите ги толкуваат Атила Клинче, Сузан Акбелге, Тамер Ибрахим, Осман Али и Селпин Керим. Претставата „Сон на летната ноќ“, ќе биде одиграна и на 17-тиот Меѓународен фестивал „Сабанџи“ во Адана, Турција.

Гостувањето на Турскиот и на Албанскиот театар претставува продолжување на успешната соработка со институциите од областа на културата во Турција. Инаку, овие две институции со поддршка на Министерството за култура во изминатиот период реализираа значајни гостувања на фестивалите во Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Турција, Црна Гора, Србија, Хрватска каде освоија еминентни театарски признанија.

Во рамките на второто издание на меѓународниот фестивал кој од 8 до 27 март се одржува во Бурса, освен домаќинот ќе настапат и театрите од Македонија, Романија, Бугарија, Босна и Херцеговина и од Косово. Идејата на организаторот на фестивалот е богатството на различности како и заедничкото историско минато на балканските народи преку соработката на водечките театри да бидат мост во развојот на меѓународните односи, мирот и културата на земјите од Балканот.