Македонски и француски компании од областа на вооружувањето ги развиваат меѓусебните контакти и можната соработка

Повеќе македонски компании денеска во Домот на АРМ во Скопје имаа уникатна можност на „Македонско-францускиот форум од областа на вооружувањето“ да остварат контакт и да воспостават соработка со повеќе добро познати француски компании од областа на вооружувањето, како и да се запознаат со потребите и плановите во процесот на модернизација на Армијата на Република Македонија.

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, во своето обраќање на Форумот посочи дека „денешната средба ќе овозможи размена на мислења и искуства од областа на воената индустрија, како и можност за започнување на соработка помеѓу француските и македонските компании“. Со помош на Стопанската комора на Македонија, додаде министерот, ние поканивме повеќе македонски компании кои можат да бидат партнери на француските компании во процесот на модернизација на Армијата на Република Македонија, што ќе претставува бенефит не само за АРМ, туку и за македонското стопанство.

„Колку што е подобра македонската економија, толку е поголем буџетот за одбраната и средствата наменети за модернизација на Армијата, заклучи министерот Јолевски.

Како што истакна министерот Јолевски, овој форум претставува добра прилика за разгледување на можностите за модернизација на Армијата на Република Македонија. „На оваа средба ќе ги претставиме нашите планови и потреби за опремување и модернизација, пред претставниците на Дирекцијата за вооружување на Министерството за одбрана Република Франција, пред француските и пред македонските компании. Опремувањето и модернизацијата на АРМ со современа воена опрема и средства е ставено високо на агендата на Владата на Република Македонија. Опремувањето на Армијата со современа опрема е долгорочен процес кој ќе се одвива континуирано“, додаде министерот Јолевски. Во наредните 10 до 15 години, рече министерот, приоритет во опремувањето ќе се даде на копнените сили, односно единиците кои учествуваат во меѓународните мисии.

Во оваа прилика министерот Јолевски уште еднаш ја реафирмираше стратегиската определба на Република Македонија за полноправно членство во НАТО-алијансата, за што, посочи, од големо значење е поддршката од Собранието на Република Македонија, граѓаните на Македонија, но и од нашите партнери меѓу кои и Република Франција.

Јелисавета Георгиева, потпретседател на Стопанската комора на Македонија во изјава за медиумите посочи дека Комората активно се вклучува во процесот на соработка кој е воспоставен со Министерството за одбрана.

„Минатата година со министерот за одбрана Јолевски поставивме детална агенда за вклучување на македонските компании за учество на тендерите, како и во процесот на модернизација на Армијата на Република Македонија“, рече Георгиева.

Таа дополни дека кога станува збор за поддршката и соработката со АРМ и Министерството за одбрана, бизнис заедницата е подготвена да ја покаже и општествената корпоративна одговорност, но и капацитетите за реално производство.

Амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Лоренс Оер истакна дека станува збор за стратешка соработка која се развива меѓу Армиите на Македонија и на Франција. „Продолжуваме во рамките на овие активност да активираме проекти на долгорочен план за размената меѓу двете земји. Тука е претставникот на француската генерална дирекција за вооружување и повеќе француски фирми кои имаат капацитет и знаат како да соработуваат на меѓународен план“, посочи амбасадорката Оер.

На форумот, кој се реализира во организација на Министерството за одбрана учествуваа и повеќе македонски компании.

DSC_0344_resize DSC_0329_resize DSC_0471_resize