Груевски: Она што го прават Заев и СДСМ е рамно на велепредавство

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски од народниот собир во Тетово оцени дека она што го прави лидерот на опозицијата Зоран Заев и СДСМ е рамно на велепредавство.

„Опозицијата секоја недела прави се поголеми и поголеми грешки, а неделава ја обвинија Народна Република Кина и Државата Израел дека влегле во коруптивни договори со македонската Влада со што свесно сака да ги саботира односите со нашите пријатели. Секоја недела по уште една нова штета за нашата држава. И ај што ги слушавме како креираат лаги против секој од нас на најбрутален начин, ставајќи ги во измислен контекст своите прес-конференции, пред некој ден направија огромна, сериозна грешка и голем удар за државата. Може да се прават сега недоветни и да се бранат колку сакаат, но тоа што го направија е рамно на велепредавство, обидувајќи се да наштетат на нашите безбедносни институции, да ги загрозат нивните позиции, да ја уништат соработката и партнерството со земји кои со децении наназад ни помагаат во различна форма“, потенцира Груевски.

Зоран Заев, прецизира, во изминатата недела ја обвини НР Кина дека влегла во коруптивна зделка со македонската Влада преку нивната државна компанија, со која градат проекти на Балканот, но и секаде низ светот кои чинат тешки милијарди. Тоа не му беше доволно па ја обвини Државата Израел дека преку нивното Министерство за одбрана влегла во коруптивни активности со македонската Влада.

„Народот го знае тоа и никој не може да го прелаже. Нека не ве заплашуваат со разни сценарија! Никој не им се плаши на нив. Имаме сила да се спротивставиме на сите предизвици…. Ние сме тука пред вас, и јавно им порачуваме од Тетово, Македонија е посилна од вас, народот е помудар од Заев и неговата група, народот е нашиот бедем, со чисто срце и волја ќе се бориме за нашата Македонија и за секој еден наш граѓанин, и ќе работиме уште посилно и уште повеќе“, вети Груевски.