Заштита на личните податоци – клуч кон приватноста

На 3-ти април во малата сала на општина Охрид, на иницијатива на Локалниот совет на млади беше одржано двочасовно предавање од страна на претставник на Дирекцијата за заштита на личните податоци. Предавањето беше од едукативен карактер, а во насока на институционално препознавање на Дирекцијата и претставување на иницијативите и активностите на овој орган за подигање на јавната свест кај младата популација.

ZastitaLicniPodatoci05

Имено, Дирекцијата за заштита на личните податоци сé повеќе активно се вклучува во активности поврзани со младите, особено во претстојните работилници за дискусија околу Националната стратегија за млади 2016-2025 год.

„Членовите на Локалниот совет на млади се запознаа со работата и надлежностите на Дирекцијата како и можностите и услугите кои таа ги нуди во поглед на заштита на нашите лични податоци“, – изјави портпаролот на Локалниот совет на млади, Павел Донески.

Посебен интерес на предавањето младите покажаа во областа на заштитата на личните податоци на интернет и социјалните мрежи, како и мерките кои во оваа област треба да бидат преземени со цел посоодветна информираност на младите луѓе.

„Едукацијата на младите луѓе е најдобрата превентивна алатка на секоја институција за подигање на јавната свест за заштита на личните податоци. Доколку сакаме да изградиме демократско општество ослободено од злоупотреби и повреди на правото на заштита на личните податоци, мора во континуитет да обезбедуваме обуки за млади луѓе и да развиваме иницијативи во насока на информираност за правата, но и обврските за чување на личните податоци“, – изјави Лилјана Пецова Илиеска, портпарол на Дирекцијата за заштита на личните податоци.