СВР: Пешаците недоволно ја почитуваат хоризонталната и вертикална сигнализација и не го користат пешачкиот премин

Пешаците учесници во сообраќајот сеуште недоволно ја почитуваат хоризонталната и вертикална сигнализација и не го користат пешачкиот премин за префрлање преку коловозните ленти. Ова е констатација на полициската станица за безбедност во патниот сообраќај-Охрид по вчерашната акциска контрола насочена кон оваа категорија учесници во сообраќајот и евидентирање на прекршоците што тие ги манифестираат. При контролата извршена и кон возачите на моторни возила, забележано е нивно повремено непочитување на сообраќајните светлосни знаци и на знаците кои ги даваат овластените службени лица.

Пет од вкупно 11 евидентирани прекршоци, се однесуваат на пешаците кои коловозот на сообраќајниците го преминувале на необележан пешачки премин односно не го користеле пешачкиот премин за префрлање преку коловозните ленти.

Во два случаи, евидентирано e запирање и паркирање на патнички возила на улици во централното градско подрачје што претставува загрозување на безбедноста на другите учесници и пречка за нормално одвивање на сообраќајот и пречка на пешаците.

По овие основи, полициската станица за безбедност во патниот сообраќај издаде седум покани за наплата на глоба, писмено предупреди четири лица а седум граѓани-пешаци се повикани на сообраќајна поука. Сообраќајната полиција не затекна возачи што своите патнички и други моторни возила ги управувале под дејство на алкохол.

Вчерашната акциска контрола имаше за цел подигнување на степенот на безбедност во сообраќајот, подигнување на безбедносната култура и доследно почитување на одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Вакви и слични акциски контроли и понатаму ќе се спроведуваат кон сите учесниците во сообраќајот што ги кршат законските одредби од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.