Канческа-Милевска се сретна со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во рамки на работната посета на Париз вчера имаше средба со генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, на која разговараа за досегашната соработка и идните активности, информира Министерството за култура.

„На средбата беше подвлечен партнерскиот однос што Република Македонија го негува со УНЕСКО и кој се одликува со поддршка на многубројни иницијативи и реализација на голем број проекти во областа на културата, заштитата на културното наследство, образованието, науката, информатичкото општество и животната средина“, соопшти Министерството.

Канческа-Милевска изразила задоволство што за релативно кусо време на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство беа впишани две културни добра од Република Македонија: обичајот Четрсе – Празнување на светите четириесет маченици, и машкото соборно оро „Копачката“.

„Таа го изрази своето уверување дека годинава Комитетот на оваа конвенција ќе ги впише во Листата за заштита на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО машкото двогласно пеење „Гласоечко“ и мултинационалната апликација „Мартинки“ во која, покрај Бугарија, Романија и Молдавија, партиципира и Република Македонија. Канческа-Милевска посочи дека нашата држава и во иднина ќе продолжи со своите заложби за што поголема заштита и промоција на нематеријалното културно наследство“, информира Министерството за култура.

Канческа-Милевска и Бокова размениле мислења и за Четвртата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која треба да се реализира наредната година во Македонија.

Министерството наведува дека верската конференција ја промовираше Република Македонија како лидер на платформата за меѓурелигиски дијалог, соживот и толеранција. Таа досега се реализираше под покровителство на УНЕСКО и, во таа смисла, биле истакнати заедничките заложби за продолжување на конференцијата со логистичка и финансиска поддршка од УНЕСКО.

Канческа-Милеска ја информирала Бокова и за иницијативата Република Македонија да поднесе апликација за прогласување на Битола за град на филмот на УНЕСКО. Оваа титула, чии носители се шест други градови во светот, меѓу кои се и Софија и Брадфорд, ќе придонесе за уште поголема меѓународна афирмација и промоција на Битола и Македонија.

„На средбата беше изразено уверувањето дека следната средба меѓу Канческа-Милевска и Бокова ќе се реализира за време на претстојното 38-мо заседание на Генералната конференција на УНЕСКО кое ќе се одржи од 3 до18 ноември 2015 година“, соопшти Министерството за култура.