Кривична пријава за двајца тетовчани поради злоупотреба на службена положба и овластување

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, полициската станица од Кичево поднесе кривична пријава против З.Д. (52) и Д.Р.(59) двајцата од Тетово.

Пријавените во текот на 2010 година, во својство на надзорни градежни инженери при градба на објект Котловница со резервоари за течно гориво и резервоари за течен нафтен гас во Кичево, изготвиле завршен извештај за извршен технички преглед на објектот со кој потврдуваат дека резервоарите за течно гориво 6 x 50 м³ се меѓусебно поврзани, а извршените земјено градежни и електро-монтерски работи на објектот се изведени според одобрение од Општина Кичево.

Пријавените предложиле објектот да се пушти во употреба иако знаеле дека градбата не ги исполнува минималните технички услови бидејќи резервоарите за течно гориво не биле меѓусебно поврзани и не биле во функционална состојба што подоцна било констатирано од работната група од Регулаторната Комисија за енергетика на Република Македонија.

На тој начин, пријавените му овозможиле на правното лице ДПТУ „С-ИГОР-ДООЕЛ“ извоз-увоз Кичево кое е корисник на објектот Котловница да се стекне со лиценца за вршење енергетска дејност – Трговија со нафта, нафтени деривати, биогорива и горива наменети за транспорт-складирање на екстра масло Л1, мазут М1, НС и течен нафтен гас.

Со тоа, во периодот од добивање до одземањето на лиценцата односно од 28 март 2011 до 02 октомври 2014 година, правното лице ДПТУ „С-ИГОР-ДООЕЛ“ извоз-увоз Кичево кое е корисник на објектот Котловница и ги извршувало овие дејности, се стекнало со бруто приходи во вкупен износ од 3.003.733.531,00 денари.