Средба на претседателот на СДСМ, Зоран Заев со Хојт Брајан Ји, заменик-помошник на државниот секретар на американскиот Стејт Департмент

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката на партијата, Радмила Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски, денеска оствари средба со висока делегација од САД, предводена од Хојт Брајан Ји, заменик-помошник на државниот секретар на американскиот Стејт Департмент.

На средбата се разменија мислења за тешката ситуација во којашто се наоѓа Р. Македонија и последиците врз евро-атланските интеграции на земјава а се разговараше и околу можните решенија за излез од длабоката политичка криза.

Претседателот Заев посочи дека вистината што ја дозна целокупната јавност во Македонија ги потврди злоупотребите на власта коишто веќе се забележани во меѓународните извештаи на ОБСЕ/ОДИХР, Европската комисија и многу други релевантни меѓународни организации.

„Вистината допре до граѓаните. Се потврди контролата на власта врз судството, медиумите, се потврди целосната поклопеност на државниот систем, криминалот, корупцијата, изборните нерегуларности. Сè она што власта недозволиво го правела со години. Сè е јасно. Со тоа, проектот Вистината за Македонија го осветли, но и го отвори патот работите во Македонија да се променат. Да се изградат независни државни институции, независно судство, медиуми, да се врати слободата и демократијата. Тоа можно само преку формирање на преодна влада и одржување на фер и демократски избори“ рече Заев.

Претседателот Заев изрази очекување од пријателите на Македонија, меѓу кои и САД, позасилено ќе се вклучат во процесите за изнаоѓање излез од длабоката политичка криза.

Заеднички беше заклучено дека членството на Македонија во ЕУ и НАТО нема алтернатива и дека тоа е целта кон која што треба да се стремат сите политички субјекти во земјава.

usa 3