Во Цер одбележана 110 годишнината од смртта на Христо Узунов

По повод одбележувањето на 110 години од херојската смрт на охридскиот војвода Христо Узунов, претпладенево беше положено цвеќе на бистата на херојот во градскиот парк, а свеченостите што ги организира Општина Охрид, продолжија со поклонение за војводата пред спомен обележјето на неговата херојска погибија во селото Цер- Кичевско.

Пред спомен обележјето во селого Цер, се одржа панахида за Христо Узунов, а свежо цвеќе положија бројни делегации. Присутните ги поздрави и пригоден говор одржа градоначалникот Никола Бакрачески.

Споменот на една од најмаркантните личности и госростаси на Македонската револуционерна борба, охридскиот војвода Христо Узунов, не собра овде во Цер, да одбележиме 110 години од неговата и херојската смрт на неговите соборци. Опколени од бројна османлиска војска, на 24 април во далечната 1905 година , овде се одвивала церската драма која ќе прерасне во епопеја во која, во името на слободата на Македонија, Христо Узунов одлучува наместо од туѓ, животот да си ги одземат со својот последен куршум.

Со самото доаѓање на овој простор, сеуште се чувствува духот на овој голем ,херојски саможртвен подвиг, кој секого го прави горд што е Македонец , кога посилно чука срцето и интензивно бијат дамарите.Подвигот, овде во Цер во 1905 година, всушност се појавува како достоен крај на животот, целосно посветен на борбата за слобода на поробениот македонски народ во периодот пред и по Илинденското востание.

Легендарниот војвода Христо Узунов , пред саможртвениот чин, ќе собере сила да го напише прошталното писмо и да им каже на соборците и на својата мајка дека неговиод идеал и смислата на животот биле и вечно ќе бидат слободата и Татковината.„ Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила- ќе и напише Узунов на својата мајка.

Последниот куршум испукан во челото или срцето на големите македонски херои на чело со Христо Узунов ќе го означи крајот на нивните животи, но ќе им го отвори патот кон вечноста на нивното дело, кое е длабоко врежано во колективната меморија на македонскиот народ во борбата за слобода. По саможртвениот чин, во знак на почит, непријателската османлиска војска ќе истрела почесен плотун, а подоцна по нивното повлекувањето од Македонија, инспиративно ќе раскажува за Церската херојска епопеја.

Сеќавањата на борците за слободна и независна Македонија никогаш не бледнеат и нивните херојски дела не тераат и ние и идните генерации да ја браниме слободата и татковината.Живееме во слободна и независна татковина- Република Македонија и ветуваме дека ќе ја чуваме и развиваме, горди на нашите претци и одговорни за иднината на новите поколенија.

Нека биде вечна славата на борците за слобода и нека ни биде вечна татковината- Република Македонија“– рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Историски час за ликот и делото војводата Узунов одржа историчарот Горан Митрески, а во културно- уметничката програма настапија ученици од основните училишта што го носат името на Христо Узунов од селото Другово- Кичевско и од Охрид.

По завршувањето на поклонението, градоначалникот Никола Бакрачески ги посети остатоците од куќата во која се случила херојската погибија на Христо Узунов.