Средба на претседателот на СДСМ со амбасадорите на САД, Германија, Велика Британија, Франција, Италија и од канцеларијата на ЕУ во РМ

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, заменик претседателката Радмила Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски денеска во седиштето на СДСМ се сретнаа со амбасадорите на САД, Џес Бејли, на Германија, Кристин Алтхаузер, на Велика Британија, Чарлс Гарет, на Франција, Лоренс Оер, на Италија, Масимо Белели и од кај амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав.

Актуелната ситуација во Македонија, политичка криза, излезните решенија и шансите за можен дијалог беа меѓу темите на состанокот.

Изразена беше загриженост за капацитетите на институциите на системот за справување со актуелните предизвици, а беа нагласени и потребата од враќање на загрозените слобода на говор и независноста на правосудниот систем.

„Враќање на демократските институции во Македонија е можно само со заминување на Никола Груевски и групата околу него, со што ќе се создадат услови опозицијата да може институционално да работи и дејствува. Клучната порака на мирниот натпартиски граѓански протест на 17 мај ќе биде оставка од Груевски за враќање на политичката, безбедносната стабилност на Македонија и нејзините перспективи“, рече претседателот Зоран Заев.

Дипломатите ги поздравија заложбите на СДСМ за мирен граѓански протест, како и чекорите на претседателот Заев и на партијата, во насока на меѓуетнички соживот, инклузивност, стабилност и безбедност во Македонија.