Заев: Никола Груевски стои зад сите скандали

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес одржа прес-конференција, на која истакна:

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

Пред повеќе од три месеци, заедно го започнавме проектот Вистината за Македонија,
со единствена цел, да ја вратиме слободата, демократијата, правдата и европските вредности во Македонија.

Оставките на Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков, Миле Јанакиески, само го потврдија она што е јасно за целата јавност во Македонија, дека ова што го презентираме е вистината, една и единствена.

Се што зборувавме се потврди со овие оставки: дека власта во заминување прислушувала, дека содржината на аудио снимките целосно го потврдува криминалот, корупцијата, и незаконското владеење на Никола Груевски и неговите најблиски соработници.

Но, не е време за триумфализам. Оставки на дел од најблиските соработници на Никола Груевски не се крајната цела. Враќањето на слободата и демократијата е нашата водилка. За тоа да се случи, неопходно е заминување на Никола Груевски.

Очекуваме оставките да продолжат во други сегменти на окупираните институции, но и во областите раководени од функционери на коалицискиот партнер на Груевски, ДУИ.

Во услови на длабока политичка криза Собранието не смее да избира нови министри. Оваа власт нема легитимитет. Нема легитимитет ниту ова Собрание.

Почитувани граѓани,

Борбата за слобода и демократија продолжува.

Имајќи ја предвид целокупната состојба во земјата, внимателно и посветено, денеска презентираме нови аудио докази.

Денеска јавноста ќе слушне за тоа како функционирала коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, во делот на меѓусебна заштита и покривање на незаконско однесување.

Ќе слушнеме и нови докази, како се местени милионски тендери и како се испумпувани пари од приватни компании коишто потоа завршувале во ВМРО-ДПМНЕ.

Денеска јавноста ќе ја дознае вистината за тоа кој стои позади купувањето од страна на МВР, нов автомобил, мерцедес, вреден над половина милион евра, речиси 600.000 евра кој го нарачал и за каква цел.

Почнуваме со сет од четири разговори за бизнис зделките помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Првите два разговора за денеска се помеѓу Муса Џафери и Сашо Мијалков.

Џафери и Мијалков, според овој разговор биле задолжени од Груевски и Ахмети да решаваат дел од меѓукоалициските проблеми. Но се решавале и други „проблеми“. За лица блиски до ДУИ Мијалков обезбедувал враќање вредна, запленета стока. За оваа работа се притискале дури и истражни судии.

Во првиот разговор од овој сет ќе слушнете како Сашо Мијалков, за близок човек на Муса Џафери, на којшто му биле запленети поголем број компјутери за точење гориво на бензинска пумпа, средува, како што велат, да бидат „пуштени“.

Во вториот разговор од овој сет, Мијалков го уверува Џафери дека ќе ја заврши работата.

Третиот и четвртиот разговор се помеѓу Никола Тодоров од позицијата министер за здравство и Гордана Јанкулоска. Тодоров ја информира Јанкулоска за незаконски набавки во Министерството за здравство, за нереални исплати на пари, потпишани од Бујар Османи, поранешен министер за здравство од коалициската ДУИ.

Ќе слушнете признание од Тодоров дека за реконструкцијата на болницата во Охрид, Бујар Османи бадијала потрошил дури 400.000 евра, пари на граѓаните, коишто не се знае каде завршиле, или како што се слуша во разговорите, завршиле “во бунар“.

Тодоров и признава на Јанкулоска дека со реконструкцијата на болницата има проблем и во документацијата и реално на теренот и дека толку е сериозен проблемот со стабилноста на објектот, што се размислувало болницата да се руши. Тоа и ревизијата го потврдува.

Но, до денес јавноста не е информирана ниту дали е нешто пронајдено ниту дали некој понел некаква одговорност. ВМРО-ДПМНЕ вешто го штити Бујар Османи. Очигледно бизнис релациите и тендер-коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ функционирале подобро отколку Уставот и законите во Република Македонија.

Колку се испреплетени бизнис коалициските релации помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ говори и фактот што фирмата Иванов инженеринг, што се јавува како проектант и надзор на болницата во Охрид, е една од фирмите во аферата ланец фирми во куќата на Миле Јанакиески во Прилеп, што добиваат тендери од власта.

Кој сè е вплеткан во аферата со реконструкцијата на болницата во Охрид допрва треба да `се истражува.

Да ги слушнеме првите четири разговори за денеска

Следува сет од 5 разговори помеѓу Влатко Чингоски, тогашен директор на државната енергетска компанија ЕЛЕМ и Кирил Божиновски, генерален секретар на Владата на РМ.

Јавноста ќе слушне како се местеле милионски тендери во ЕЛЕМ и тоа под директен налог на Никола Груевски.

Како се договара кои фирми, колкав дел од бизнисот да добијат, како се мести целиот тендер да го добијат фирми блиски до власта.

Повикувам внимателно да се следат разговорите, затоа што се зборува во шифри, а станува збор за милионски бизниси. Ќе потсетам, тендерот од 2011 година, период кога се водени и овие разговори, за ископ на јаловина и јаглен од свлечиштето во рудникот Суводол – РЕК Битола, со дотур на јаглен до ТЕ Битола, е вреден 1.2 милијарди денари. Тоа е бизнис вреден 20 милиони евра!

Слушнете ги овие разговори.

Продолжуваме со осум разговори помеѓу Влатко Чингоски и Кирил Божиновски. Јавноста ќе слушне како се собираат пари од фирмите со рекет и изнуда на средства од оние компании што добиваат работа на претходно наместените тендери.

Ќе препознаете дел од фирмите, тоа се истите оние споменати во местењето на тендерите во ЕЛЕМ. Логичен е заклучокот дека целата местенка на тендерите е со крајна цел, огромни суми кеш да завршат во ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе слушнете како шифрирано парите се именуваат како “документи“ и “материјали“.
Во еден од разговорите, ќе слушнете дека “материјалчињата“, како што ги нарекуваат Чингоски и Божиновски, завршуваат во партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Од сетот разговори целосно се потврдува дека фирмите коишто добивале работа од ЕЛЕМ, имале обврска одредени средства, или “материјалчиња“ да дадат за партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Во еден од разговорите од овој сет, Божиновски и Чингоски откриваат дека зависно од работата којашто овие компании ја добивале од државните фирми, се одредувала сумата за рекет.
“Немој да се замараш со мали такви цифри, 100-150 минимум“ вели Чингоски во еден од разговорите.

Во последниот разговор од овој сет, помеѓу Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, ќе слушнете дека не само што фирмите биле рекетирани за пари во кеш, или шифрирано, во “документчиња“, туку дека власта издејствувала, под наводно спонзорство, големи приватни комапании да ги плаќаат авионските летови за гласачите на ВМРО-ДПМНЕ од дијаспората.

Слушнете ја вистината.

Јавноста `се уште не доби официјална потврда дали и на кој начин ВМРО-ДПМНЕ ја затвори финансиската дупка од 3,5 милиони евра за изборите во 2011 година.

Денеска јавноста слушна за криминалната шема на ВМРО-ДПМНЕ за испумпување на парите од фирми во Македонија и нивно слевање во партијата по налог на Груевски.

Во продолжение ќе слушнеме како дел од истите овие фирми, преку фиктивни фактури, ги плаќаат огласите на ВМРО-ДПМНЕ во провладините медиуми за време на избори.

На крај од овие разговори јавноста ќе слушне потврда за уште една афера којашто СДСМ ја отвори уште во април 2014 година, директно поврзана со партијата ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски.

Објавивме дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, предизборно, во трите месеци до распишувањето на претседателските избори, се стекнале со имот на име на партијата од над 1,6 милиони евра или скоро 100 000 000 денари.

За три месеци, ноември, декември и јануари, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се стекнале со станови, простории и земјишта од над 1.6 милиони евра!

Во разговор помеѓу Миле Јанакиески и Кирил Божиновски ќе слушнете потврда за планирано купување имот за потребите на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова ако се расчуе ќе биде многу катастрофално, да не се кажува, целта е што повеќе да купиме, вели Божиновски.

Слушнете

Ова потврдува дека Груевски стои зад секој скандал во Република Македонија, дека Никола Груевски диктира `се, дека без негово знаење и одобрување не може да помине ништо.

Но денеска, ќе слушнете уште еден класичен доказ колку ревносно Никола Груевски се грижи, ама за сопствените интереси. Никола Груевски си нарачал луксузно возило, марка Мерцедес, што граѓаните на Македонија го платиле речиси 600.000 евра.

Дотаму отишол Груевски. Не му биле доволни милионски плацеви на Водно и повеќе станови, па посакал и добил најлуксузно возило, какво што нема во Југоисточна Европа, да ужива на сметка на граѓаните кои во меѓувреме ги осиромашува.

Во првиот разговор од овој сет, ќе слушнете како Никола Груевски, лично, од проспекти си го нарачува мерцедесот кај Гордана Јанкулоска и дава налог да започне постапката за набавка преку МВР.

“Да биде фул“ и “позади да има екрани“ бара Груевски.

Груевски наредува, до завршување на локалните избори (2013 година) за мерцедесот, купен од парите на граѓаните, МВР да одглуми дека е набавен за потребите на министерството, а не лично за него.

Ќе слушнете како Груевски дури си прави шеми, кога ќе патува дел од планираната дестинација да ја помине со едно возило, па потоа да продолжи со новиот мерцедес, за јавноста или новинарите да не дознаат.

За мерцедесот на Груевски, тој и Јанкулоска договараат местење на јавната набавка.

“Бидејќи е 100% електронски да направиме да не ни улета некој друг“ советува Јанкулоска и прецизира дека нарачала како треба да се реализира електронската аукција.

Последниот разговор од овој сет е помеѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, и двајцата во оставка.

Овој разговор целосно ја симнува маската на Никола Груевски за некаква чесност или скромност, каков што сака да се претставува.

Еве слушнете ја вистината вистината колку граѓаните ги чини остварувањето на желбата на Никола Груевски да се вози во луксузен мерецедес, со масажери, телевизори, греење на седишта, точно 575.000 евра, или повеќе од 35 000 000 денари!

Оваа прес конференција не покажува само дека Груевски стои зад рекетирања фирми и тендери, колку Груевски е алчен, туку ќе го покаже и неговиот диктаторски однос кон најблиските соработници, еден од нив е веќе заминатиот Миле Јанакиески.

Еве го тој разговор

Суштината во објавувањето на овој разговор е дека соработниците на Груевски, се што правеле било со знаење и по директен налог на Никола Груевски.

Затоа оставките мора да продолжат. Наместо оставки од соработниците, со обид да се спаси Груевски, потребна е оставка и конечно заминување на Никола Груевски.

Готово е Никола. Поднеси оставка, за да се отвори патот за враќање на слободата, демократијата, правдата и европските вредности во Република Македонија.

Почитувани граѓани,

Да не дозволиме ова зло никогаш повеќе да се повтори.

Продолжуваме…“– истакна Заев.

pressdsmzoranzaev

Извор: www.sdsm.org.mk