Охрид ќе учествува на Фестивалот на европските езера во Италија

Делегација на општина Охрид предводена од градоначалникот, Никола Бакрачески, ќе учествува на Шестото издание на Фестивалот на европските езера што од 29-ти мај до 2-ри  јуни се одржува во Исео, Италија како и на вториот глобален состанок на официјалните делегации од членките на Европската мрежа на езера што на 30-ти мај се одржува во овој италијански град.

Антонио Балески од Секторот за туризам и локален економски развој на денешната средба со новинарите се осврна на годинешната програма на фестивалот.

Фестивалот на европските езера годинава ќе трае четири дена и во него ќе бидат промовирани 50 различни настани кои се однесуваат на различни аспекти на живеењето на езерата. Во рамки на фестивалот ќе има музички концерти, изложби на фотографии, како и дегустација на традиционални јадења од Исео Италија, како и други региони“, посочи Балески, подвлекувајќи дека како резултат на унапредувањето на соработката на општина Охрид со Европската мрежа на езера се создадоа услови за заеднички европски партнерски проекти.

„Еден од тие проекти е европскиот музички проект „Oркестар на 100 млади музичари”. Следува реализација на втората фаза од Проектот во соработка со Музичкото училиште „Методи Патче” од Охрид“ – додаде Балески.

Директорката на ОМУ „Методи Патче“, Нина Момировска истакна дека е гордост да се учествува и да се биде дел од втората фаза од проектот “Оркестар од 100 млади музичари”. Проектот ќе биде реализиран со концерт во Милано на 6 јуни годинава на кој Охрид ќе го претстават тројца млади музички таленти.

„Навистина е чест да се биде дел од овој проект. Во него се опфатени 100 музички таленти од Европа, поточно од четири музички училишта. Нашето основно музичко училиште „Методи Патче“ од Охрид е единствен претставник од Македонија. На концертот ќе настапат и ученици од училиштето „Јосип Словенски“ од Белград, музичката школа „До ре ми“ од Блед и музичката школа “Де гарде“ од Италија. Проектот започна со музички камп во Белград во 2014 година. На 6-јуни годинава нашите ученици млади виолинисти , Даниел Мојсоски, Александар Грунчески и Бајрам Рамаданоски ќе настапат на концерт во Милано. Проектот потоа ќе продолжи во месец август“ – истакна директорката Момировска.

Со учеството на Охрид во меѓународни асоцијации и реализација на меѓународни проекти се настојува промоција на градов во меѓународни рамки што би значело и привлекување на повеќе странски туристи.